Рускиот митрополит Иларион Алфеев, изјавил дека Москва сака да посредува помеѓу Белград и Скопје околу црковниот спор, јави денеска Верската информативна агенција, пренесува новинската агенција МЕТА.
„Руската православна црква не може еднострано да ја признае Македонската православна црква. Тоа треба да се направи на основа на се православно решение, а ние сме подготвени да бидеме посредници“, изјавил за бугарските медиуми митрополитот Иларион Алфеев, задолжен за надворешните работи на РПЦ.
Алфеев, минатиот месец го посети Скопје, каде се сретна со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, претседателот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски. Тој разговараше и со расчинетиот владика Јован Вранишковски, кој издржува казна затвор за финансиски малверзации.
Еден ден по посетата на Иларион на Македонија, од МПЦ-ОА преку соопштение на нејзината веб-страница информираа дека побарале од државните власти милост за Јован Вранишковски.