Преку глава од „реформите“ во високото образование

Студентите добија поддршка од професорите. На дебатата за законот за високо образование тие заклучија дека заедно треба да се борат за подобрување на состојбите.

Факултетот за драмски уметности решил да го отфрли предлогот за државен испит, а одлуката денеска ја соопшти професорот Небојша Вилиќ, кој беше гостин на трибината „Честите измени на законот - причина за лошиот квалитет на високото образование“, организирана од Студентскиот пленум.

Се работи токму за идејата дека од реформите ни е преку глава, мене лично пред сè, а колку што видов завчера и на тие „ само 3.000 присутни“ на студентскиот марш.
Небојша Вилиќ, универзитетски професор.

Овој пат Студентскиот пленум сцената им ја отстапи на професорите од најразлични универзитети кои се противат на најавената реформа во високото образование и кои говореа за проблемите со кои се соочуваат. Вилиќ пред студентите во амфитеатарот на филозофскиот факултет рече дека активизмот станал нужност, бидејќи во општеството се исцрпени сите можни опции.

„Се работи токму за идејата дека од реформите ни е преку глава, мене лично пред сè, а колку што видов завчера и на тие „само 3.000 присутни“ на студентскиот марш“, рече Вилиќ.

Јас денеска искрено признавам дека сум посрамена што сум тука на покана на Студентскиот пленум, не затоа што не го почитувам, напротив, туку затоа што ние како професори ова требаше одамна да го направиме.
Билјана Ванковска, универзитетски професор.

Професорката Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет вели дека студентите им одржале лекција.

Професорката од Филолошкиот факултет Маја Бојаџиевска порача дека битката била одамна загубена, што се покажало со последните измени во законот во 2011 година. Тогаш, според неа, бил погребот на автономијата на универзитетите, а сега државниот испит е еден парастос.

„Овој веќе постоечки франкенштајнски закон го отсликува духот на времето. Автономијата не само што е нарушена, целосно е елиминирана“, вели таа.

Пензионираниот професор Љубомир Цуцуловски се потсети на протестите во 1997 година, кога отишол да ги поддржи студентите, кои сега имаат позиции во власта.

„Денеска се тие или во Собрание, некои беа дури и министри, некои се уште се министри и сега велат – немате право. Секоја генерација има право на свој протест, на своја револуција, според тоа не смее тоа да не декуражира“, вели Цуцуловски.

Професорката од природно математичкиот факултет Дана Прелиќ своето излагање го заврши со зборовите „Каде згрешивме ние професорите и студентите па вака да не казнуваат“. На прашањето не доби одговор бидејќи на дебатата, иако беа поканети, не присуствуваа премиерот и министерот за образование и наука. Студентите и професорите на крајот се сложија дека треба заеднички да се борат за подобрување на високото образование.