Бајден: Украина да не пропушти уште една шанса за промени

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Американскиот потпретседател Џо Бајден изјави дека Украина не смее да пропушти уште една шанса за промени кон подобро.

Зборувајќи во Националниот демократски институт во Вашингтон потпретседателот Бајден потенцира дека Украинците имаат уште шанса за подобра иднина.

„Овие луѓе храбро им се спротивставија на снајперските куршуми, на студеното време за да добијат шанса за фундаментално менување на нивната земја кон подобро“.

изјави Бајден, додавајќи дека Украинците пропуштија да го сторат тоа по отцепувањето од поранешниот Советскиот сојуз пред 25 години, но и по Портокаловата револуција.

„Во догледно време тие ќе немаат други шанси“, предупреди Бајден.

Според него, насилната реакција против демократските институции од страна на автократите како претседателот на Русија Владимир Путин ја зголеми корупцијата и ја отежна оваа важна задача за Украина.

Украина е клептократија. Некои мислат дека тоа е навредливо да се каже. Но тоа е реалност. И тие направија голем напредок, иако се уште има големи пречки.
Џо Бајден, потпретседател на САД

Бајден додаде дека Путин ја употребувал клептократијата и олигархијата како инструменти за меѓународна принуда.

„Украина е клептократија. Некои мислат дека тоа е навредливо да се каже. Но тоа е реалност. И тие направија голем напредок, иако се уште има големи пречки“.

рече Бајден во говорот што го одржа откако украинските власти ги обвинија проруските сепаратисти дека го нарушиле вчерашниот „Ден на тишината“, иницијатива на која се гледаше како на обид за да се зацврсти примирјето договорено во почетокот на септември и да се трасира патот кон нова рунда мировни преговори меѓу двете страни.

Примирјето не се почитува, а спорадични борби во изминативе недели имало пред се околу меѓународниот аеродром во Доњецк, град кој е под контрола на проруските сепаратисти.

Украинските владини сили се борат со проруските сепаратисти на истокот на земјата од април годинава. Во овој конфликт досега загинале над 4 илјади и 300 луѓе.

Украинската криза почна во ноември лани кога тогашниот претседател Виктор Јанукович ги откажа плановите за спогодба за поблиски односи со Европската унија во корист на потесни врски со Москва.

Ова предизвика големи протести по што во февруари годинава Јанукович беше соборен од власт.

Соединетите држави и Европската унија воведоа економски санкции против Русија по анексијата на Крим во март годинава и за поддршката на Москва за проруските сепаратисти на истокот на земјата. Русија го демантира тоа.