Ќе остане ли ГТЦ со стар лик во новата година?

ГТЦ не е само трговски центар, туку и обележје на градот и затоа треба да се сочува под налетите на барокицазијата, велат од иницијативната за негова заштита.

„Во новата година со стариот ГТЦ“ е мотото на новата кампања за зачувување на ликот на објектот. Mинистерството за транспорт и врски неодамна распиша оглас за консултант кој треба да провери дали е исплатливо ГТЦ да се даде под јавно-приватно партнерство, пред да се реновира во барок.

Не се работи за ГТЦ само како трговски центар, тој е споменик, меморија, обележје на Скопје чија што вредност во принцип е многу поголема од сета останата вредност на онаа нова историја на Скопје направена во последните години.
Никола Писарев, иницијатива „Јас го сакам ГТЦ“

Никола Писарев од иницијативата „Јас го сакам ГТЦ“ вели дека кампањата треба да им покаже на приватните инвеститори оти мора да постои некоја граница на капиталот и зачувување на интересот на граѓаните. Според него, објектот е премногу важен за Скопје.

„Многу луѓе го препознаваат ГТЦ како срцето на градот, кое сега моментално исто како и градот е во прединфарктна состојба, така да мора да се работи. Имаме одговорност пред идните генерации да им го предадеме овој објект отворен, убав, простран во којшто ќе можат да уживаат. Не се работи за ГТЦ само како трговски центар, тој е споменик, меморија, обележје на Скопје чија што вредност во принцип е многу поголема од сета останата вредност на онаа нова историја на Скопје направена во последните години.“

Градски трговски центар остана како симбол на борбата на се она што му се случува на нашиот град. Архитектите сигурно мора да понесат дел од одговорноста и ако успееме да го спасиме ГТЦ, се надевам дека ќе успееме и себе како професија да се спасиме.
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, Асоцијација на архитекти.

Зад иницијативата застана и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, чија претседателска Сања Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека секогаш ќе бидат за одбрана на автентичноста на ГТЦ, затоа што објектот е симбиоза на животот.

„Градски трговски центар остана како симбол на борбата на се она што му се случува на нашиот град. Архитектите сигурно мора да понесат дел од одговорноста и ако успееме да го спасиме ГТЦ, се надевам дека ќе успееме и себе како професија да се спасиме.“

Писарев додава дека премногу љубов и убави спомени имаат граѓани кои ги врзуваат за објектот и смета дека нивниот глас мора да се слушне.

„Колку сме повеќе, толку сме посилни и се надеваме дека само преку тој глас на јавноста, на граѓаните, можеме да успееме да делуваме и на таа физибилити и на носителите на тие одлуки за да овој објект остане ваков каков што е. Практично целата идеја малку потсетува како дома да имате слика на ѕид од Ван Гог и сега го преуредувате станот, ставате ламинат, евтин мебел од иверица и таа слика од Ван Гог не ви одговара на мебелот и ја тргате, иако таа има поголема вредност од сето она ново што сте го ставиле, токму тоа е, нека се вклопи таа слика во другата слика.“

Од иницијативата за спас на ГТЦ најавија дека утре во градскиот парк ќе имаат средба со граѓаните кои го сакаат објектот, а главната протестна новогодишна забава ќе се случи на 28 месецов.