Корупцијата во Македонија и натаму проблем

Kорупцијата останува сериозен проблем и покрај благиот напредок на ранг листата од лани. Очигледно е дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни во справување со корупцијата, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал-Македонија.

Македонија е на 64 место според индексот за перцепција на корупцијата во светот покажува најновата студија на антикорупциската организација Транспаренси Интернешнал. Ова значи благ напредок во однос на позицијата на ранг листата од лани, а, земјава останува перцепирана како најмалку корумпирана на Западниот Балкан, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал-Македонија.

Постои сериозен застој во подобрувањето на состојбите во оваа сфера и затоа е очигледно дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни во справување со корупцијата.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнал-Македонија.

„Меѓутоа индексните поени се зголемуваат за по еден, значи имаме 43 во 2012, 44 во 2013 и 45 индексни поени во 2014, што значи дека сме под индексот 50, спаѓаме во групата држави кои се под половината, под 5- индексни поени.“

За добивање на нашиот резултат користени се шест истражувања, а подобрата оценка се должи само на резултатот на Светскиот економски форум, односно владините кампањи за покажување на земјава како добра бизнис дестинација.

„Гледаме дека на светскиот индекс за правда бележиме намалување за два индексни поени, на Фридом хаус бележиме намалување за четири индексни поени, значи на сите други бележиме намалување и подигнувањето на скорот се должи само на тој еден индекс“, вели Тасева.

Сепак од оваа организација порачуваат дека корупцијата останува сериозен проблем за Македонија, а резултатот од годинашниот извештај за перцепцијата на корупцијата е речиси идентичен со резултатот од пред две години.

„Постои сериозен застој во подобрувањето на состојбите во оваа сфера и затоа е очигледно дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни во справување со корупцијата. Се уште има сериозни недостатоци во владеењето со правото, што создава недоверба кај граѓаните во судството и собранието како институции кои треба да обезбедат гаранција за владеење на правото и да го заштитат јавниот интерес“, изјави Тасева.

Во истражувањето на овој извештај на Трансппаренси интернешнал се вклучени 175 земји. Повеќето земји имаат под 50 поени, при што на скалата од 0 до 100, нула значи многу корумпирана, а 100 најмалку корумпирана. Грузија на пример е на 50 место со 52 поени. Резултатите од студијата покажуваат дека корупцијата на Балканот и во земјите од поранешниот Советски Сојуз останува широко распространета.

Во однос на корупцијата, на првото место веќе неколку години е Данска, а на последните места се Северна Кореја и Сомалија.