„Постои иницијатива на Обединетите нации. Но, по дваесет години нерешавање на спорот со името можеби би требало да видиме дали е можен поинаков пристап“, изјави за Радио Слободна Европа новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан, во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција. Тоа, според него, влијае врз натамошното интегрирање на земјите од Западен Балкан и не е во интерес на Европската унија. Еврокомесарот Хан додава дека од македонската влада зависи дали може да ги спроведе реформите за придвижување на земјата. „Но исто така е неопходно целосно функционален парламент што значи дека сите избрани партии не треба да бидат само избрани, туку и во парламентот. Затоа мислам дека е важно да се реши прашањето за името со цел граѓаните на Македонија повторно да имаат европска перспектива“, изјави за Радио Слободна Европа еврокомесарот Хан.