Не треба окрупнување туку консолидирање на опозицијата

Илустрација.

На опозицијата не ѝ треба окрупнување со нови партии, туку враќање на довербата кај граѓаните, велат аналитичарите.

Политичките аналитичари не се убедени дека проширување на опозицискиот блок со нови политички субјекти ќе донесе забележителни ефекти во дејствувањето на опозицијата, која уште еднаш потврди дека останува надвор од законодавниот дом.

Не верувам дека би можеле да се постигнат некакви ефекти, тргнувајќи од неспособноста на опозицијата да се регрупира најпрво во сопствените редови, неспособноста на главниот столб на опозицијата, тоа е СДСМ, да се реформира себеси, да тргне во насока на сопствено консолидирање и на сопствено реетаблирање во јавноста.
Горан Илиќ, универзитетски професор.

По најавите на лидерите на ЛДП и НСДП, Андреј Жерновски и Тито Петковски, дека е потребна поблиска соработка меѓу партиите во опозицијата и проширување на опозицискиот блок со нови политички субјекти, професор Горан Илиќ вели дека и досегашните обиди на опозицијата да се окрупни завршиле неуспешно.

Илустрација.

„Кои се тие нови политички субјекти коишто ние не ги знаеме, а би се појавиле? Не верувам дека би можеле да се постигнат некакви ефекти, тргнувајќи од неспособноста на опозицијата да се регрупира најпрво во сопствените редови, неспособноста на главниот столб на опозицијата, тоа е СДСМ, да се реформира себеси, да тргне во насока на сопствено консолидирање и на сопствено реетаблирање во јавноста“, вели Илиќ.

Освен што самите граѓани имаат економски проблеми, тие најмалку размислуваат за политика бидејќи не им веруваат на политичарите, и самите граѓани веќе не веруваат никому.
Башким Селмани, универзитетски професор.

Покрај нејзиното вонинституционално дејствување, Илиќ забележува дека генерално опозицијата е пасивна и нивното, како што вели, надворешно работење е невидливо. Додава дека сето тоа ја релативизира нејзината политичката моќ и способноста да стимулира јавно мислење.

И професор Башким Селмани не верува дека евентуално проширување на опозицискиот фронт би можел да направи пресврт на македонската политичка сцена.

„Не верувам, бидејќи опозицијата досега ги има исцрпено сите најлоши правни правила, а фактички досега нема никаков резултат. И ова што го бараат мислам дека нема да има поголем демократски успех“, вели Селмани.

Секој обид за таканаречена мини револуција на опозицијата нема да заврши успешно, убеден е Селмани, а причината за тоа е тоа што граѓаните не им веруваат на политичките субјекти.

„Освен што самите граѓани имаат економски проблеми, тие најмалку размислуваат за политика бидејќи не им веруваат на политичарите, и самите граѓани веќе не веруваат никому“, вели Селмани.

Она на што професорот Илиќ укажува се негативните последици за македонското општество доколку опозицијата е надвор од парламентот и ако не се најде излез од политичката криза.

„Не постои демократска комуникација најпрво, не постои демократски политички процес, процес воопшто и не постои, бидејќи не постои демократска комуникација, немате играчи на таа шаховска табла и тоа е проблем, бидејќи на таков начин сериозно е нарушен тој демократски процес, како и да го нема“, вели тој.

Илиќ додава дека фактот што опозицијата не учествува во донесувањето на новите закони создава дисфункционална легислатива. Токму затоа повторува дека сите најави за нејзино окрупнување надвор од институциите, само го доведуваат во прашање нејзиното понатамошно функционирање.