Наместо политички дијалог, политички монолози

Архивска фотографија.

Активисти на СДСМ ги посетуваат домовите на граѓаните, функционери на ВМРО-ДПМНЕ одат во градови и села низ Македонија. И едните другите велат дека разговараат со граѓаните, но никако да почнат да разговараат меѓу себе.

Политичката дебата е одговорност и на владата и на опозицијата кои треба да обезбедат пред сè таа да се одвива во парламентот и да придонесат да се создадат услови за негово добро функционирање. Ова пред дваесетина дена беше објавено во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Тогаш власта и опозицијата влегоа во дебата за тоа кого бриселските дипломати посочувале како поодговорен за политичката криза.

Политичкиот дијалог повторно ќе стане тема кога ќе се создаде надворешен притисок кој ќе го наруши статус квото, дали заради потреба за решавање на прашања од многу голема национална важност, на пример прашањето за името, дали заради одлучување за избори политичките партии ќе бидат приморани да влезат повторно во политички дијалог.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

Сега, пак, се чини дека прашањето за политичкиот дијалог е подзаборавено. Двете партии како што најавуваат се меѓу народот и тоа е главната тема меѓу нив, но и во јавноста во моментов.

Архивска фотографија.

Прво СДСМ тргнаа со програмата „Работиме заедно“ и, како што беше соопштено, нивните активисти ги посетуваат домовите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, пак, минатата недела најави дека пратениците и градоначалниците од нивните редови одат во посета на населените места и села низ целата територија на државава.

Власта во овој момент не сака да слуша за ваков дијалог, односно опозицијата она што го нуди, го нуди за да не влезат во дијалог и така се забарикадирани во своите позиции, сега на терен прават нешто, но прават за својот електорат, за својата партија.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Влегуваат ли партиите во дијалог со своите поддржувачи на терен, наместо една со друга? Според аналитичарот Сашо Клековски, во Македонија проблемот е посериозен бидејќи се поттикнуваат монолози, а не дијалози, се инсистира на непопустливост и на политика победник-губитник. Тоа, вели тој, е поврзано и со ставовите на граѓаните кои очекуваат крајни исходи, односно тие да бидат поволни само за опозицијата или само за власта, што не е возможно.

„Свесни за една таква состојба каде што сопственото членство, поддржувачи и симпатизери, дури и гласачи и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, не поттикнуваат компромис или барање на заеднички решенија каде што двете страни ќе попуштат во одредени максимални барања, мислам дека политичките партии свесни за овие ограничувања се насочени кон други активности“, вели Клековски и додава дека кога меѓународниот фактор инсистира на дијалог, тоа не го прави само поради ситуацијата тука, туку и заради нив самите, оти еден ден македонски политичари ќе седат во Европскиот совет и ќе треба да знаат да прават компромис со другите.

„Политичкиот дијалог повторно ќе стане тема кога ќе се создаде надворешен притисок кој ќе го наруши статус квото, дали заради потреба за решавање на прашања од многу голема национална важност, на пример прашањето за името, дали заради одлучување за избори политичките партии ќе бидат приморани да влезат повторно во политички дијалог“, вели Клековски.

Аналитичарот Алајдин Демири, пак, вели дека политичкиот дијалог во Македонија одамна не постои, а кога го имало бил само во парламентот.

„Власта во овој момент не сака да слуша за ваков дијалог, односно опозицијата она што го нуди, го нуди за да не влезат во дијалог и така се забарикадирани во своите позиции, сега на терен прават нешто, но прават за својот електорат, за својата партија“, вели Демири.

Прв и последен обид за јавна средба меѓу Груевски и Заев имаше во јуни и помина без успех. Од тогаш опозицијата остана на своите пет барања, а ВМРО-ДПМНЕ на ставот дека за нив е неприфатливо формирањето техничка влада. Потоа следуваа информации за преговори зад сцената со посредник од Европската унија, но и тие засега не донесоа резултати.