Кој е одговорен за тоа што учат младите во Македонија? Системот за одобрување на учебниците се чини доста сложен, но и покрај комисиите, рецензиите, контролите, сепак до младите стигнуваат и спорни дефиниции како оние во учебникот за граѓанско образование за осмо одделение кои деновиве се актуелни во јавноста.
Сигурно тој поминал преку нас, меѓутоа бидејќи ни поминаа илјадници учебници за основно и средно стручно образование, сега не можам точно да се сетам. Знам дека имаше проблеми со општество на времето, меѓутоа за овој навистина не се сеќавам, затоа што најверојатно сме се придржувале до оценката на рецензентите.Зоран Радиќ, претседател на Националната комисија за учебници од 2008 до 2012 година.
Во него, покрај дефиницијата дека лојалните граѓани секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи, има наведено и дека ако новинарите им се обраќаат на премиерот и на претседателот само со име, тоа значело дека не ги почитуваат институциите и немаат доверба во нив.
Токму на тој учебник кој содржи вакви дефиниции пишува дека е одобрен во 2010 година. Тогаш претседател на Националната комисија за учебници, чии членови ги именува премиерот Груевски, бил професорот од Факултетот за физичка култура, Зоран Радиќ. Тој денес вели дека во двата мандата во кои бил на чело на комисијата, односно од 2008 година до 2012 година, можно е да поминал и таков учебник, бидејќи, како што објаснува, пред нив имало илјадници.
Мислам дека повлекувањето на цел учебник не е решение, бидејќи така ќе страдаат учениците и ќе страда оној дел од наставата каде што имаме коректни содржини, но секако дека може да се размислува за повлекување на спорните делови од тие учебници, но она што е поважно е да се направи ревизија и на сите други учебници.Марјан Забрчанец, МОФ.
„Сигурно тој поминал преку нас, меѓутоа бидејќи ни поминаа илјадници учебници за основно и средно стручно образование, сега не можам точно да се сетам. Знам дека имаше проблеми со општество на времето, меѓутоа за овој навистина не се сеќавам, затоа што најверојатно сме се придржувале до оценката на рецензентите“, вели Радиќ, кој додава и дека откога комисијата ќе го одобрела учебникот, потоа го препраќала и до други инстанци.
„Го доставуваме до Педагошката служба, директорот на Педагошката служба го известува министерот и тој тогаш склучува договор со авторот и потоа на тендер се бира кој ќе ги печати“, објаснува Радиќ.
Министер, пак, во тоа време беше сегашниот прв човек за здравство Никола Тодоров. Од актуелното раководство на Министерство за образование, на чие чело сега е Абдулаќим Адеми, иако побаравме одговор на писмено, засега не добивме нивно мислење чија е одговорноста за ваков учебник и дали планираат да го повлечат. Адеми минатата недела рече дека не го видел учебникот, но дека такви кои третирале историско-општествени теми не ни требало да постојат во македонското образование.
„Сигурно дека треба веднаш да се реагира. Мислам дека повлекувањето на цел учебник не е решение, бидејќи така ќе страдаат учениците и ќе страда оној дел од наставата каде што имаме коректни содржини, но секако дека може да се размислува за повлекување на спорните делови од тие учебници, но она што е поважно е да се направи ревизија и на сите други учебници. Веќе има информација за спорна содржина од учебник за седмо одделение во којшто е наведено дека политичка партија подразбира група на граѓани коишто мислат исто, што е едно спорно тврдење во демократско општество“, вели Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум.
Инаку слична дефиниција за политичките партии се споменува и во учебникот за осмо одделение во кој се наведува дека партиите се организации на политички едномисленици, социјални групи кои имаат исти интереси и ставови во политиката. Според најпознатата светска енциклопедија Британика, пак, политичките партии се група на лица организирани за стекнување и практикување на политичка моќ. Во нивната дефиниција не се споменува терминот едномисленици.