Невработеноста и иселувањето на младите - балкански проблем

Иселувањето поради големата невработеност и мешањето на политиката на пазарот на трудот, горлив проблем со кој се соочуваат младите во југоисточна Европа.

Масовен одлив на младата популација во прекуокеанските и развиените европски земји, поради непремостливите проблеми со невработеноста и преголемата инволвираност на политиката на пазарот на трудот. Ова се главно проблемите со кои се соочуваат младите од 15 држави, најмногу од југоисточна Европа. Тие и годинава на 12-та младинска конференција „Европски вредности за иднината на југоисточна Европа“, во Крушево, во организација на Младинскиот сојуз, ги испратија своите пораки за итно решавање на проблемите.

Состојбата е таква да има многу невработени и многу млади луѓе кои заминуваат во странство, за што ми е многу жал, бидејќи не останува квалитет од луѓе кои што треба да ја развиваат државата.
Јасмина Чернека, Хрватска.

Невработеноста е најголем проблем за младите во Хрватска, бидејќи краткорочните мерки за нивно вработување, речиси и не даваат ефекти. Затоа едуцирани млади луѓе масовно заминуваат на работа во Велика Британија и другите северно-европски земји.

„Состојбата е таква да има многу невработени и многу млади луѓе кои заминуваат во странство, за што ми е многу жал, бидејќи не останува квалитет од луѓе кои што треба да ја развиваат државата. Но, се надевам дека ке биде подобро“, вели Јасмина Чернека од Хрватска.

Партиската книшка е услов за работа во Босна. Затоа и разочарувањето на младите е поголемо, бидејќи велат преголемата инволвираност на политиката на пазарот на трудот ги става од страна сите компетенции, знаење и образование, верзираност на еден млад човек.

Младите кои би требало да бидат приоритет на една држава, и круцијална и движечка сила се ставени од страна. За жал не постои национална стратегија за млади, не постои ниту локална стратегија.
Сенад Албеговиќ, Босна и Херцеговина.

„Младите кои би требало да бидат приоритет на една држава, и круцијална и движечка сила се ставени од страна. За жал не постои национална стратегија за млади, не постои ниту локална стратегија со оглед на тоа дека Босна и Херцеговина е исклучително комплицирана и всушност таа е еден од почетните причини, зошто младите се ставени на маргините“, вели Сенад Албеговиќ од Босна и Херцеговина.

Во Грција, пак, и натаму младите бараат подобрување на економијата, отворање на нови работни места, со што би се спречило нивното заминување во странство.

Феномен е тоа што се случува сега во Грција. Жално е што многу млади научници заминуваат од Грција, а тие се тие кои треба да придонесат, состојбата да се подобри и Грцијата да излезе од кризата.
Димитрис Селцас, Грција.

„Феномен е тоа што се случува сега во Грција. Жално е што многу млади научници заминуваат од Грција, а тие се тие кои треба да придонесат, состојбата да се подобри и Грцијата да излезе од кризата“, вели Димитрис Селцас од Грција.

И додека младите Грци бараат од државата решение, за младите во Македонија, најголем успех е да си обезбедат сигурни гаранции за траен престој во странство.

„Најчесто пораките кои ги испраќаат младите до доносителите на одлуките завршуваат во празно, значи ретко кога ги прифаќаат препораките, ретко кога го слушаат гласот на младите луѓе. Политичките елити на Балканот најчесто се оглушуваат на нашите препораки. Меѓутоа сепак најголемо задоволство на еден младински лидер е да предизвика какви било промени во општеството и да се залага за промени, ако ништо друго, барем јавно да ги истакне своите ставови“, вели Методија Стојчески, извршен директор на невладиниот крушевски Младински Сојуз.

Апелите и силно дефинираните препораки од младинските организации и сега ќе стигнат на точна адреса, но од властите на сите држави во регионот ќе зависи колку овој пат ке покажат интерес за решавање на проблемите, пред се стопирање на масовниот одлив на младите коишто треба да бидат креатори на нашата иднина.