Фрустрирана опозиција без стратегија

Владеачките ВМРО ДПМНЕ и ДУИ го контролираат општеството и гласачкото тело на економски начин, преку работни места на пример, велат аналитичари, и наведуваат дека опозицијата нема одговор на тоа. За недостиг на стратегија пасивност и методи се повеќе има и внатрешно партиски критики.

Последните предвремени парламентарни избори ДПА ги изгуби со двојно помалку гласови во однос на својот политички опонент ДУИ. Лидерот на партијата, Мендух Тачи, кој вчера повторно беше избран за претседател првата честитка ја доби од колегата кого постојано го напаѓа, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

СДСМ едноставно погрешно ја таргетира критиката кон власта, ограничувајќи се, како да се либерална партија, само на критика на недемократските практики на власта и кршењето на владеењето на правото како принцип.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Во македонскиот опозициски блок, СДСМ, пак, исто така ги губи изборите и истакнува дека се нерегуларни, но трпи и сериозни критики дури и од луѓето со опозициски ставови за некои последни чекори, како на пример прославата во новиот театар чија изградба во континуитет ја критикуваат, а на која беше партиското раководство. Партијата на Заев е критикувана и за недоволна ангажираност, пасивност, нејасно делување, немање стратегија.

Во редовите на опозициските партии се чувствува фрустрација поради неможноста да се вратат на власт подолго време, вели професор Здравко Савески. Тој додава дека на двете партии им треба свртување повеќе кон социјални теми, бидејќи и Македонците и Албанците живеат во сиромаштија.

Партиската стратегија недостига и кај едната и кај другата партија. Единствена стратегија кај нив е како да ги собориме другите, меѓутоа нема јасни и прецизни методи на опозиционерско делување. Има само омраза и тие мислат дека тоа е доволно.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„СДСМ едноставно погрешно ја таргетира критиката кон власта, ограничувајќи се, како да се либерална партија, само на критика на недемократските практики на власта и кршењето на владеењето на правото како принцип. ДПА себе си постојано се профилира како порадикален бранител на интересите на албанските граѓани во Македонија, но се гледа дека тоа нема ефект соочени со ситуација кога ДУИ ги контролира гласачите преку работните места, слично како и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Савески.

Аналитичарот Алајдин Демири, пак, слабоста во опозицискиот блок ја лоцира во лидерите, немањето стратегија и смелост да се истераат работите докрај.

„Партиската стратегија недостига и кај едната и кај другата партија. Единствена стратегија кај нив е како да ги собориме другите, меѓутоа нема јасни и прецизни методи на опозиционерско делување. Има само омраза и тие мислат дека тоа е доволно“, вели Демири.

Покрај критиките кои ги добиваат на јавна сцена, во двете партии имаше и поделби меѓу истакнати партиски членови. Во СДСМ тоа се случуваше по изборот на Заев за лидер, а струшкиот градоначалник Зијадин Села вчерашниот конгрес на ДПА го нарече приватна забава на Тачи под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

Според Савески, и на СДСМ и на ДПА итно им треба внатрешно сплотување и посериозна критика на власта за граѓаните во нив да препознаат сериозна опција.

„Јавноста сè помалку и помалку гледа алтернатива во нив и она што тие го гледаат е внатрешна борба за власт, дури и ситуации кога претставници на тие партии сакаат, во недостиг на државна функција, барем да бидат на партиска функција“, вели Савески.