Британскиот државјанин, кој почина во четвртокот на Инфективната клиника во Скопје немал ебола, потврдија на прес конференција од Министерството за здравство. Резултатите што пристигнале од лабораторијата во Германија покажале дека починатиот не бил заразен со смртоносниот вирус.
Земјава два дена чекаше на потврда за тоа дали има ебола. По смртаа на британскиот државјанин, хотелот во кој престојувал и медицинскиот персонал кој бил во контакт со него, беа ставени во карантин. Сега карантинот се укинува. Македонските здравствени власти соопштија дека морало да преземат низа заштитни мерки.
„Иако бевме убедени дека не станува збор за ебола, бевме обврзани да постапуваме според сите светски протоколи за вакво опасно заболување“, соопшти попладнево д-р Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.