Белгискиот танц на Дерик Меј и маестро Џијан Емин

Со овации од публиката била пречекана изведбата на „Музика универзалис“ на славниот американски диџеј Дерик Меј и Фламанскиот симфониски оркестар под диригентство на нашиот Џијан Емин што се случи во саботата на 27 септември, во катедралата Света Ана во Гент, Белгија, на 12-то издание на фестивалот „ОдеГанг“. Станува збор за проект на „Излет мјузик“ чија промоција се случи летово во Антички театар во Охрид и во кој бележито е учеството и на македонските солисти Маријана Николовска на челеста и Кристијан Каровски на пијано.

„Музика универзалис“ триумфално го започна своето патешествие по европските сцени. Проектот на „Излет мјузик“, Дерик Меј и македонскиот диригент и автор Џијан Емин, во саботата, на 27 септември, со овации бил пречекан од присутната публика во катедралата Света Ана во белгискиот Гент, во рамките на 12-то издание на фестивалот на современа музика „ОдеГанг“.

За мене навистина беше неочекувано и јас сум многу пријатно изненаден дека добивме понуда толку брзо по оној концерт во Охрид да настапиме на друго место и уште повеќе сум задоволен и посреќен бидејќи настапивме на еден фестивал кој што е со специјална намена – ги вкрстува класичната и електронската музика.
Џијан Емин, диригент.

Овде авторите имале можност зад себе да го имаат славниот Фламански симфониски оркестар во кој биле вклучени како солисти и македонските музичари Маријана Николовска и Кристијан Каровски.

Инаку, станува збор за познат европски фестивал кој вклучува различни жанрови на музика – од џез, преку класика, музика на светот сè до техно и нивни најразлични вкрстувања, а Фламанскиот симфониски оркестар зад себе има традиција поголема од половина век а негов шеф-диригент е Јан Латхам – Коениг, кој патем работи и како музички директор на Новата опера во Москва.

Во самата музика има места кои што бараат активно слушање од публиката. Таа не е само ритмична, нешто само за играње, туку еден спој на сериозна со електронска музика за танц и затоа лично многу сум задоволен од реакциите на присутните.
Џијан Емин, диригент.

„За мене навистина беше неочекувано и јас сум многу пријатно изненаден дека добивме понуда толку брзо по оној концерт во Охрид да настапиме на друго место и уште повеќе сум задоволен и посреќен бидејќи настапивме на еден фестивал кој што е со специјална намена – ги вкрстува класичната и електронската музика. Овој проект перфектно се вклопи во програмата на „ОдеГанг“ и излезе дека организаторите како да чекале нешто вакво да се случи , па да го имаат на својот фестивал“, истакнува Џијан Емин по враќањето од Белгија.

Тој дополнува дека имале идеални услови за настап и дека публиката со огромно внимание и култивираност ја проследила изведбата на „Музика универзалис“.

„Во самата музика има места кои што бараат активно слушање од публиката. Таа не е само ритмична, нешто само за играње, туку еден спој на сериозна со електронска музика за танц и затоа лично многу сум задоволен од реакциите на присутните. Практично тоа што сакавме тоа и го направивме и за мене тој начин на реагирање на публиката е многу позитивен и затоа сум неизмерно среќен поради тоа“, вели Емин.

Една од ексклузивностите на повој концерт е и тоа што на Меј, Џијан и Фламанскиот симфониски оркестар во оваа пригода им се приклучил и светски реномираниот пијанист Франческо Тристано кој зад себе има едно вакво искуство настапувајќи со Карл Крег и францускиот Лес Сиенклес оркестар. Емин за него вели дека е одличен инструменталист кој, сем за класиката пројавува интерес и за електронската музика и дека прави преработки на тие теми за клавир, а меѓу другото и ја има потпишано и верзијата на „Strings of life“.

„Тој настапуваше со неговото трио на фестивалот истата вечер. Ние го поканивме да ни се придружи, прифати и навистина беше прекрасно чувството да имаме еден таков пијанист со нас, музичар кој влезе од прва во еден ваков комплексен проект и кој извонредно си ја отсвире својата нималку лесна делница. Претпоставувам дека тој и во иднина ќе биде дел од оваа наша мала банда собрана околу „Музика универзалис“, вели Емин.

Од друга страна, додека се подготвуваат аудио и видео материјалите за објавување снимени на промотивниот августовски концерт во Охрид, веќе е извесно дека белгискиот Гент е само првата станица од патешествието на проектот („Во игра сме!“ - како што вели Џијан), но каде сè ќе патува до крајот на оваа и дефинитивно следната година неговите потписници не сакаат предвреме да откриваат. Едно е јасно, соработката помеѓу прочуениот американски диџеј и македонскиот автор и диригент и натаму ќе се развива, па не чуди кога Емин ќе каже дека „сите опции се отворени“.

„Разговаравме за можноста да потпишеме еден нов заеднички материјал. Во случајов во игра би влегле и Франческо Тристано и некои други музичари, а сето тоа можеби би се документирало во студиото на Карл Креиг во Детроит. Некои такви возможни соработки. Дури немавме практично толку време да претресеме сè што можеме заеднички да направиме, така што отворени се сите опции, ги имаме сите потенцијали, а за другото колку ни дал Господ“, вели Емин.