Петпати пониски услуги на цените во роаминг за разговори, СМС и интернет меѓу Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, треба да овозможи спогодбата за намалување на цените на услугите во роамингот во јавните мобилни комуникациски мрежи, потпишана денеска.
Реализацијата на спогодбата ќе ја координира тело основано од претставници на регулаторите на државите потписнички. Спогодбата е отворена, што значи дека во иднина, секоја заинтересирана земја, која не е опфатена со неа, може да се приклучи кон иницијативата.
Со спогодбата е предвидено етапно усогласување на цените на роаминг услугите со цените во земјите од ЕУ. За реализација на спогодбата се надлежни регулаторните тела за електронски комуникации. Надлежните министерства на земјите потписнички на договорот треба да почнат процедура за дополнување на законот за електронски комуникации, со што цените за услугата ќе се регулираат на реципрочна основа.