Воведување сеопфатно сексуално образование во училиштата, намалување на цените на препаратите за контрацепцијата и редовни посети и консултации со матичните лекари и гинеколози, бараат претставници на младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. и на студентската организација „Излез“. На трибина која ја организираа денеска по повод 26 Септември, Меѓународен ден на младите, посочија дека модерната контрацепција за младите е прескапа, затоа што таа не е на товар на државата.
„Нашите истражувања посочуваат дека оралната контрацепција е една од најмалку обработуваните теми во постојните наставни програми за основно и средно образование. Соодветно процентот на млади девојки кои користат некаков вид модерна контрацепција е многу низок (11 отсто). Покрај тоа, последните информации од Центарот за јавно здравје во Скопје покажуваат дека иако бројот на абортуси кај генералната женска популација се намалува, додека, пак, кај младите девојки тој број се зголемува“, истакнуваат младите од Х.Е.Р.А. и од студентската организација „Излез“.