Повеќето од учесниците на дебатата што беше организирана на првата седница на Националниот совет за евроинтеграции ја повикаа опозицијата да се врати во Парламентот со цел Македонија да оствари прогрес на патот кон ЕУ. До ова доаѓа две недели пред објавувањето на извештајот на Европската комисија.
Владата, Собранието, но и сите политички партии, вклучително и опозицијата, да направиме еден чекор напред поблиску до заслужениот датум. Затоа смета дека тоа што треба да се случи е опозицијата да влезе во Собранието на Република Македонија, а Македонија да влезе во процесот на преговори со ЕУ.Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.
Не е важно дали еврокомесарот за проширување носи наслов комесар за проширување или добрососедство, важно е дали Македонија што поскоро ќе добие датум за да ги отпочне преговорите за членство, рече Антони Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата, Собранието, но и сите политички партии, вклучително и опозицијата, да направиме еден чекор напред поблиску до заслужениот датум. Затоа смета дека тоа што треба да се случи е опозицијата да влезе во Собранието на Република Македонија, а Македонија да влезе во процесот на преговори со ЕУ“, вели Милошоски.
Сè додека не се затвори ова прашање ќе остане сомнежот во јавноста дека владата со овие пари не го промовира јавниот интерес, туку сака да влијае на уредувачката политика на медиумите.Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
На седницата на која на дневен ред беше извештајот за активностите од националната програма за усвојување на правото на ЕУ и ревизијата за првиот квартал од годината и за периодот од април до 30 јуни оваа година, Нора Алити изјави дека има напредок во реформите, но нагласи дека нема место за триумфализам и дека отсуството на политичкиот дијалог во земјата го бледнее она што досега е направено.
„Демократијата не се одвива со празни столчиња во парламентот и за тоа се одговорни и владата и опозицијата. Евроинтеграцијата на Македонија подразбира внатрешен развој“, рече Алити.
Вицепремиерот Фатмир Бесими потенцираше дека годинава има висок процент на усогласување на закони и подзаконски акти и покрај паузата создадена преку изборите кои одзеле дел од процентот кој како што рече ќе се надомести до крајот на годината. Тој процент е повисок од 56 проценти. Во делот на судството, тој кажа дека судските постапки лани траеле 160 денови, а годинава завршуваат за 130 денови.
„Во однос на препораката, секоја година треба таа да се заработи. Очекувам и во наредните две недели да работиме максимално за повторно да има препорака“, рече Бесими.
Професор Димитар Мирчев изрази забелешки дека извештајот на Советот за евроинтеграции содржи планови што се планира да се прави, а не што е направено. Коментирајќи ја изјавата на новиот комесар за проширување дека во наредните пет години нема да има проширување на Унијата. Мирчев праша што ќе значи тоа за Македонија. Тој побара Советот за евроинтеграции да отвори дебати на таа тема. Се отвора прашањето дали ќе има одолговлекување на процесот и што ќе прави Македонија во тој случај, рече Мирчев.
Незаобиколна тема на дебатата беше и состојбата со слободата на медиумите. Насер Селмани од ЗНМ реагира дека е разочаран што со закон не се регулирало рекламирањето на владата во медиумите.
„Ова прашање е нотирано во извештајот на Европската комисија и без да се постапи по него Македонија нема да ја подобри оценката за слободата на медиумите и слободата на изразувањето. Сè додека не се затвори ова прашање ќе остане сомнежот во јавноста дека владата со овие пари не го промовира јавниот интерес, туку сака да влијае на уредувачката политика на медиумите“, рече Селмани.
Тој порача дека вистински тест за воведување на европската пракса во македонското судство ќе биде начинот како ќе се реши случајот против новинарот Кежаровски и процесот против весникот Фокус.