Генералното собрание на ОН и заканата од ИД

Над 140 шефови на држави и влади ќе учествуваат на годинашното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Главна тема се очекува да биде заканата од милитантите на Исламската држава. Американскиот претседател Барак Обама оцени дека сегашните напади во Сирија се само почеток во справувањето со милитантите.

На почетокот на дебатата на Генералното собрание на Обединетите нации му претходеше стартот на воздушните напади на Соединетите држави и пет арапски земји врз цели на милитанти на Исламската држава во Сирија, прва таква акција во таа земја.

Американскиот претседател Барак Обама ја поздрави ваквата поддршка наведувајќи дека Соединетите држави не се борат сами.

„Јасно исто така ставив до знаење дека Америка би дејствувала како дел од поширока коалиција и тоа е токму она што го правиме. Придружени сме во оваа акција од пријатели и партнери, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Бахреин и Катар.“

Предупредувајќи дека операцијата ќе потрае извесно време, Обама повтори дека Вашингтон ќе стори се за да да ги победи милитантите.

Претходно американскиот државен секретар Џон Кери прецизира дека Соединетите држави нема да дозволат географијата или границите да ги спречат од акцијата против милитантите на Исламската држава.

Тие во моментот контролираат територија која се протега од северниот дел на Сирија до предградијата на ирачкиот главен град Багдад.

Јасно исто така ставив до знаење дека Америка би дејствувала како дел од поширока коалиција и тоа е токму она што го правиме. Придружени сме во оваа акција од пријатели и партнери, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Бахреин и Катар.

Милитантите имаат етаблирано она што тие го нарекуваат Исламска држава или калифат каде што владеат со нивната сурова интерпретација на исламското право.

Почетокот на воздушната кампања внатре во Сирија, според оценките, претставува, остра ескалација на конфликтот со непредвидливи последици.

Сегашните американски напади кои се фоксирани врз складиштата со оружје и муниција и главните засолништа ќе им нанесат големи штети на милитантите.

Но,нападите ќе ги принудат милитантите, кои воопшто не ги жалат цивилите, да се повлечат во градовите во источниот дел на Сирија, надевајќи се дека Вашингтон и сојузниците нема да се осмелат да убиваат невини луѓе.

Тоа, како што наведуваат експертите, би можело да води до ќорсокак. Воздушните напади ќе го спречат ширењето на милитантите, но не ќе можат да спречат помали групи да вршат терор врз населението.

Пентагон веќе најави дека би можело да му предложи на претседателот Обама да испрати мал број американски копнени единици во Сирија, а планирана е и обука на околу 5 илјади умерени сириски бунтовници.

Но, тоа, според аналитичарите, е мал број со оглед на проценките дека Исламската држава има над 30 илјади припадници.

Овие милитантите и други вооружени групи веќе три години водат граѓанска војна против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во која досега загинаа над 200 илјади луѓе.

И додека Асад изјави дека ќе поддржи секакви напори за справување со тероризмот во Сирија, токму бунтот против него, како што се оценува, би можело и натаму да биде голема предност за милитантите на Исламската држава.

Од друга страна тука се и противењата на сојузниците на Асад, Русија и Иран, кои сметаат дека воздушните напади ги кршат суверенитетот на Сирија и меѓународното право.

Иранскиот претседател Хасан Рохани оценува дека американската политика била небулозна и двосмислена бидејќи во исто време е насочена и против исламските милитанти и против сириската влада.