Партиите се обвинуваат, демократијата трпи

Устав, ребаланс на буџет и важни закони се носат без опозиција во собранието. Партиите меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за политичката криза, а тоа влијае на имиџот на земјата.

Потребата од менување на Уставот изгласана без опозицијата, ребалансот на буџетот исто така, а и редица други закони, некои од нив и по брза постапка, поминуваат без речиси спротиставени мислења и гласови против. Без разлика на отсуството на поголемиот број на опозициските пратеници се носат и крупни закони, а во процедура преку седницата на собранискиот совет влегува и владиниот план за буџетот за 2015 година.

Демократскиот имиџ на Македонија по изборите е нарушен и очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, ниту имаат волја, ниту желба, во Македонија навистина да владее демократијата и пред сè и над сè да се одржат слободни и демократски избори.
СДСМ.

И додека аналитичарите сметаат дека со ова се поткопува демократскиот капацитет на Македонија, а влијае и врз евроинтегративниот процес, од двете партии околу кои се врти главното несогласување, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се обвинуваат меѓусебно.

Секако дека меѓународната јавност од Македонија не гледа со подробности и детали, но ја гледа целата слика. Во целата слика се забележува дека кај нас недостига целокупноста на собранискиот законодавен дом. Мое мислење е дека таа недостига по вина на опозицијата којашто не е спремна да ги прифати изборните резултати коишто ги имавме претходно.
Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

​Од СДСМ, кои заедно со опозицискиот блок освоија 34 мандати, а три од нив беа прифатени, велат дека демократскиот имиџ на Македонија по изборите е нарушен и оти очигледно било дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, ниту имале волја, ниту желба, во Македонија навистина да владеела демократијата и пред сè и над сè, како што велат, да се одржеле слободни и демократски избори. Носењето на закони, како и иницијативата за уставни измени во целост, велат од СДСМ, говорела дека на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ не им била во интерес Македонија и нејзините евроинтегративни процеси, туку дека државата и власта ја чувствувале и употребувале единствено, како што велат, место каде што би ги реализирале своите материјални интереси.

Но, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, за ваквата слика виновна е опозицијата.

„Секако дека меѓународната јавност од Македонија не гледа со подробности и детали, но ја гледа целата слика. Во целата слика се забележува дека кај нас недостига целокупноста на собранискиот законодавен дом. Мое мислење е дека таа недостига по вина на опозицијата којашто не е спремна да ги прифати изборните резултати коишто ги имавме претходно“, вели Милошоски.

Аналитичарот Насер Зибери, пак, вели дека носењето на важни закони кои влијаат врз сите граѓани и отворањето на други процеси, покрај тоа што има негативно влијание и внатре и надвор, го поткопува и легитимитетот на самото собрание.

„Мислам дека оваа технологија на забрзано донесување и затворање на некои прашања ќе остави простор опозицијата после опозицијата да ги оспори истите и тие да бидат една од темите за разговори со меѓународните претставници, поготово со структурите на ЕУ“, вели Зибери.

Инаку посилните несогласувања меѓу власта и опозицијата што доведоа до бојкот на собранието всушност и почнаа со расправии за буџетот. По отстранувањето на опозициските пратеници во 2012 година, кога се носеше буџетот за идната, блокот кој тогаш го предводеше Бранко Црвенковски одлучи да го бојкотира собранието, одлуката која траеше до потпишувањето на мартовскиот договор.