Првите луѓе на албанската полиција тврдат дека не постои ни најмал ризик во врска со посетата на папата Франциско на Тирана на 21 септември. „Безбедноста на Папата е загарантирана“, изјави Артан Диди, директор на албанската полиција по средбата со министерот Саимир Тахири. Претходно неколку странски медиуми јавија дека постоеле закани по животот на Папата од милитанти на Исламската држава. Поради тоа албанската полиција вршела постојан надѕор врз 35 лица повратници од боиштата од Сирија, како и врз 70 семејства на лица кои се уште биле во Сирија и Ирак. Папата в недела во 9 часот ќе пристигне на тиранскиот аеродром, а во 11 часот ќе одржи свечена миса на плоштадот „Мајка Тереза“.