Поскапа струја за граѓаните, поевтина за фирмите

Илустрација.

По најавената либерализација на пазарот на електрична енергија, експертите очекуваат фирмите да добијат поевтина струја, но цената што ја плаќаат домаќинствата ќе се зголеми.

Граѓаните веќе почнуваат да размислуваат кој оператор да го одберат по најавената либерализација на цената на струјата. Како и компаниите, тие треба до 15-ти ноември да одлучат од кого ќе купуваат струја. Оние кои нема да сменат снабдувач, ќе останат во мрежата на ЕВН, но ќе мора да склучат нови договори. Тие велат дека и досега не беа спокојни, бидејќи плаќаат висока цена на струјата.

Ако има поевтин оператор нормално дека ќе одиме на другиот. Овие ја претераа, колку пати ја качуваат струјата. Веќе е прескапа, за нас е прескапа. Месечно плаќам три илјадарки. Со 10 илјади плата, три илјади струја. Готви на плин, пак три илјади денари струја.
Анкетирана граѓанка.

„Ако има поевтин оператор нормално дека ќе одиме на другиот. Овие ја претераа, колку пати ја качуваат струјата. Веќе е прескапа, за нас е прескапа. Месечно плаќам три илјадарки. Со 10 илјади плата, три илјади струја. Готви на плин, пак три илјади денари струја.“

„Со таа либерализација единствено ќе добијат фирмите, за нив ќе поевтини, за нас индивидуалните семејства сигурно дека ќе поскапи, затоа што и поскапо чини. Државата колку и да плаќа дел од таа цена, не може да издржи“, велат анкетираните граѓани.

Ако му се намали таа можност, а повторно ја има истата концепција на работа може да очекуваме дека тој ќе ја зголеми цената на оние што ќе останат да купуваат електрична енергија преку овој снабдувач, дистрибутер, а тој е единствен кај нас, така што навистина може да очекуваме дека ќе се зголеми цената кај домаќинствата, а ќе се намали кај индустријата.
Константин Димитров, универзитетски професор.

Експертите велат дека либерализацијата ја намалува цената на струјата, но само во индустријата. Нашиот дистрибутор досега пренесуваше електрична енергија за сите потрошувачи на 220 волти. Сега тој ќе пренесува, но нема да биде и снабдувач кој ќе добива определена сума пари и за таа дејност вели професор Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

„Ако му се намали таа можност, а повторно ја има истата концепција на работа може да очекуваме дека тој ќе ја зголеми цената на оние што ќе останат да купуваат електрична енергија преку овој снабдувач, дистрибутер, а тој е единствен кај нас, така што навистина може да очекуваме дека ќе се зголеми цената кај домаќинствата, а ќе се намали кај индустријата“, вели тој.

Во меѓувреме дистрибутерите веќе ги подготвуваат понудите, нудат стабилно снабдување и пониски цени. Димитров вели дека е убаво кога на пазарот има повеќе понудувачи, но оти туку има и некакви мали проблеми. Не знаете од кого купувате и како тоа ќе се покаже.

„Ќе направите договор, а не знаете колку е тој солиден и дали ќе си ги почитува обврските. Значи, треба да бидеме внимателни од кого купуваме и веројатно така ќе се купува од добавувачи или снабдувачи со електрична енергија коишто имаат искуство и авторитет на пазарот во регионот, така очекувам“, вели Димитров.

Според некои проценки, либерализацијата на пазарот на електрична енергија на 15 до 20 илјади мали компании наесен ќе им донесе поевтинување на цената на електричната енергија до 40 отсто.