Што треба да знаете за референдумот во Шкотска?

На 18 септември граѓаните на Шкотска ќе решат дали да останат во Обединетото Кралство или да живеат во независна земја. Што тоа ќе значи за Шкотска, но и за Британија доколку референдумот биде успешен или не?

Пред граѓаните на Шкотска се наоѓа едно прашање: „Дали Шкотска треба да биде независна држава?“

Таа влезе во политичка унија со Англија во 1707 година по финансискиот неуспех за формирање трговска колонија во Централна Америка.

Барањата за враќање на политичката моќ во Единбург пораснаа во текот на минатиот век, а во 1979 година беше одржан првиот референдум за раздружување. Тој пропадна поради слабиот одѕив.

Вториот референдум одржан дваесет години подоцна водеше до формирање шкотски парламент и до пренесени надлежности во здравството и образованието.

За некој да гласа на референдумот треба да биде жител на Шкотска. Сите граѓани на Британија или на Европската унија кои живеат во Шкотска можат да гласаат. Но, тоа не можат да го прават луѓето кои се родени, а сега не живеат во Шкотска.

По големата победа на Националната партија на изборите во Шкотска пред три години, британската и шкотската влада се согласија да се одржи референдум за независност.

За некој да гласа на него треба да биде жител на Шкотска. Сите граѓани на Британија или на Европската унија кои живеат во Шкотска можат да гласаат. Но, тоа не можат да го прават луѓето кои се родени, а сега не живеат во Шкотска.

Не постои граница на минимален одѕив за валидноста на референдумот, а за успех е потребно само просто мнозинство.

Доколку повеќето граѓани бидат „за“,на 24 март 2016 година Шкотска ќе стане независна земја.

На тоа ќе претходат 18-месечни разговори со Лондон околу раздружувањето. Датумот е симболичен, бидејќи на тој ден во 1603 година круните на Англија и Шкотска беа обединети кога шкотскиот крал Џејмс Шестти стана крал и на Англија.

Сегашниот референдум се однесува само на политичката унија со Англија, а не и на унијата на круните. Некои велат дека за тоа би можело да се организира друг референдум.

Едно од клучните прашања останува дали Шкотска ќе ја задржи фунтата. Некои сметаат дека би требало, додека други ја исклучуваат таа можност велејќи дека нема суверенитет без сопствена валута.

Приврзаниците на независноста велат дека Шкотска ќе преговара за останување во Европската унија, но не како сегашните кандидати, туку „одвнатре“, бидејќи веќе ги има спроведено сите работи потребни за асоцирање со Унијата.

Сепак, некои членки кои имаат сопствени сецесионистички движења како Шпанија и Белгија, би можело да се обидат да го блокираат шкотското приклучување.

Што се однесува до НАТО, Националната партија која го покрена референдумот сака Шкотска да биде во Алијансата како посебна земја, но оти не сака во земјата да има нуклеарно оружје.

Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Расмусен, изјави дека Шкотска ќе мора како нова држава повторно да бара приклучување и тоа да биде прифатено од другите членки на Алијансата.

Доколку референдумот не успее, трите партии кои се против отцепувањето, Конзервативната, Лабуристичката и Либерално демократската, ветија натамошно пренесување на овластувањата во Шкотска.

Тоа ќе значи дека шкотскиот паралмент ќе има поголема надлежност во даноците, здравството и трошоците.