Житна ’рѓа го изеде житото

Според проценките на земјоделците од пелагониско, житниот род годинава се намалил од 30 до 40 проценти поради болестите како пепелница и житни ’рѓи.

Од земјите во соседството, Македонија годинава плати најголем данок во житни култури поради појавата на габни заболувања кои предизвикаа оштетувања кај лебното зрно, се жалат пелагониските земјоделци. По нивни проценки, житниот род годинава се намалил од 30 до 40 проценти поради болестите како пепелница и житни ’рѓи. Ситуацијата дополнително ја усложнува и ниската откупна цена на житото.

Житото ни го изеде житна ’рѓа. Немаме заштита од оваа болест. Оваа житна ’рѓа нè јаде.
Ставре Николовски, земјоделец од Новаци.

„Житото ни го изеде житна ’рѓа. Немаме заштита од оваа болест. Оваа житна ’рѓа нè јаде“, се жали Ставре Николовски од Новаци.

„Воопшто не сме задоволни, трговците да плаќаат редовно, наплатата ја одложија за 60 дена, цената ниска, нерегуларна, некаде и седум денари. Сè беше неорганизирано, слаб интерес за откуп. Повеќе даваме за нафта и за ѓубрива од приходите“, реагира неговата соселанка Милева Петревска.

Србите добро се справија зашто имаат големо искуство со овие болести. Тие платија некој данок, но најмногу не погоди нас. Ние сметаме дека 30 до 40 проценти од она што требаше да се собере од пченица, јачмен и ’рж отиде во неврат.
Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Од Сојузот на земјоделци велат дека се надевале оти жетвата ќе биде најдобрата во последните 20 години. Но, летово житните култури биле нападнати од болестите и родот значително се намалил. Земјоделците не знаеле како да се справат.

„Некој ќе праша зошто земјоделците не беа подготвени да се справат со оваа болест. Реално да кажеме отсуствуваше науката, да ја констатираат болеста и да кажат како да се справиме. Во државата имаме три земјоделски факултети, полјоделски институти и ред други работи, а никој на ова прашање не посвети внимание. Тие се габни заболувања, од што се појавуваат треба некој друг да каже“, изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Тој додава дека тие болести беа присутни и во Бугарија, Србија и Хрватска.

„Но, Србите добро се справија зашто имаат големо искуство со овие болести. Тие платија некој данок, но најмногу не погоди нас. Ние сметаме дека 30 до 40 проценти од она што требаше да се собере од пченица, јачмен и ’рж отиде во неврат“, вели Тантаров.

Агрономот Иван Цветков вели дека земјоделците и претходно се справувале со овие болести и дека до сега се одржани повеќе предавања и напишани се повеќе статии за причините и сузбивањето. Вели дека габните заболувања се јавуваат од влага и топли зими, па габата презимува, а се уништуваат со користење на заштитни средства.

По ваквите коментари, земјоделците ќе побараат да се формира комитет кој ќе го испита квалитетот на пестицидите и фунгицидите кои се увезуваат во земјава.

„Ќе поднесеме барање до Владата на Република Македонија да се формира еден комитет од експерти за заштита на сите земјоделски култури. Комитет кој ќе проверува дали сите пестициди кои доаѓаат кај нас и ги плаќаме два пати поскапо од сите околни држави, се или не се квалитетни и кога треба да се употребат“, додава Тантаров.