Лица без маски со претстави кои креираат нови светови

Со мултимедијалната претстава „Плацебо“ на истакнатата бугарска режисерка и кореографка Ана Пампоулова, в петок на 12 септември, во 20 часот, ќе започне седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“. Манифестацијата годинава ќе се одвива под мотото „Ништо не е црно и бело... ВИСТИНАТА Е ВО СРЕДИНАТА“ и до 17 септември ќе понуди 11 проекти во кои е бележит стремежот за промоција на алтернативните европски проекти со посебен акцент на домашната независна продукција.

„Плацебо“ на Ана Пампоулова и Танцовиот театар НБУ од Софија, монодрамата „Јас сум вода“ на актерката Сабрина Марчиано и режисерот Роберто Константини од Театарската компанија „Костелационе“ од Формија – Италија, независниот проект „Три сестри“ што по текстот на А.П. Чехов го работеше Теа Беговска, буто перформансот „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димовски и Васил Зафирчев.

Нашата интенција од минатата година е да ја развиваме идејата со која имаме за цел да промовираме што повеќе проекти од македонската независна продукција. Таа постои во нашиот град, постои во нашата држава, можеби не до толку допрела до пошироката јавност.
Игор Ивковиќ, селектор на програмата на фестивалот Лица без маски.

Потем „Исмини и Калипсо“ на Ефи Меравоглу и Арт и медиа зона од Атина, „Соседи“ на театарот „Континуо“ од Маловице, Република Чешка, „Проклетството на Виктор и Викторија“ на актерите Дарко Вељиќ и Марија Бејкова и авторот и режисер Војо Цветановски, „Штом ќе ги исполниш соништата, не можеш да живееш во нив“ на Петар Ристовски и театарот „Лудум Лудум“ од Белград и „Трансферату на режисерката Софија Ристевска во продукција на Интимен театар – Битола, се претставите во официјална конкуренција што се најдоа на програмата на седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, што од 12 до 17 септември, ќе се одржи на сцените во Универзална сала и во Отворениот културен центар „Ку-ла“ во Скопје.

Тоа се претстави од европската, но и македонска независна професионална продукција, кои ќе ни понудат вистини кои не се црни или бели, леви или десни, наши или ваши. Тоа се претстави кои креираат нови светови.
Миодраг Костиќ, директор на фестивалот Лица без маски.

Во рамките на ова случување е планирано да се обистини и перформансот со кој ќе биде промовирана книгата поезија на Марта Марковска - „Стрмоглаво кон височините“, а организаторите на Фестивалот – Театарот 007, во чест на наградените, ќе ја изведе „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеску во режија на Игор Ивковиќ.

„Станува збор за 11 исклучително квалитетни театарски претстави коишто ни доаѓаат од Европа и од Македонија. Нашата интенција од минатата година е да ја развиваме идејата со која имаме за цел да промовираме што повеќе проекти од македонската независна продукција. Таа постои во нашиот град, постои во нашата држава, можеби не до толку допрела до пошироката јавност и сметавме дека Фестивалот „Лица без маски“ посветен на алтернативниот и експериментален театарски израз е достоен да ги собере на едно место сите независни театарски уметници кои што значат нешто кај нас и кои што имаат што да понудат и што да покажат“, ќе рече во пресрет на случувањето селекторот на програмата Ивковиќ.

За мото на манифестацијата овојпат е одбрана реплика од култниот текст на Ежен Јонеску која во случајов е формулирана како „Ништо не е црно и бело... ВИСТИНАТА Е ВО СРЕДИНАТА“ и за која Миодраг Костиќ, продуцент и директор на ИТФ „Лица без маски“, знае да забележи дека „колку и да звучи апсурдно, за жал или за среќа, станува дел од нашето современо битисување“.

„Се одлучивме за слоганот „Вистината е во средината“, зашто тој кореспондира со претставите кои се застапени во официјалната програма на годинешниот фестивал. Тоа се претстави од европската, но и македонска независна професионална продукција, кои ќе ни понудат вистини кои не се црни или бели, леви или десни, наши или ваши. Тоа се претстави кои креираат нови светови“, вели Костиќ.

Инаку, за време на фестивалот ќе бидат одржани неколку работилници (како „Современи танцувачки техники поврзани со движења од реалниот живот“ на проф. д-р Ана Помпоулова, „Отелотворување на хорот“ од Роберто Константини или „Вербалност и невербалност – подеднакви во театарскиот израз“ на Милош Јаџиќ од Србија), а за трите награди („Гранд при“ за претстава во целина, „Наградата за најдобро актерско остварување“ и „Наградата за најдобра режија“), ќе одлучува тричлено жири во состав: Иванка Апостолова, претседател на ИТИ Македонија, Наташа Поплавска – режисер и Снежана Коневска-Руси, актерка.

Конечно, дизајнот на статуетките е на истакнатиот македонски вајар Зоран Тошевски, а Фестивалот ќе биде реализиран со финансиска поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, со вкупен буџет од 600.000 денари.