Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен смета дека меѓународната заедница има обврска да го запре напредувањето на милитантите на Исламската држава.
Според Расмусен, сојузниците мора, како што рече, сериозно да размислат да му помогнат на Ирак каде што милитантите имаат освоено големи делови од таа земја, но и од Сирија и кои својата бруталност секојдневно ја прикажуваат пред светската јавност користејќи ги социјалните мрежи.
„Дискутиравме за заканата од Исламската држава во Ирак и Сирија. Нашата порака е јасна. Обединети сме во осудата на ваквите варварски и одвратни акти.“
Изјави на самитот во НАТО британскиот премиер Дејвид Камерон. И американскиот претседател Барак Обама се согласува дека НАТО мора да стане посилен за да одговори на, како што изјави, лакот на нестабилност кој се протега од Северна Африка до Блискиот Исток.
„Насилствата во Сирија очигледно и дадоа на Исламската држава безбедно место и со цел да ја деградираме подолгорочно, ние ќе градиме регионална стратегија“, вели претседателот Обама.
Насилствата во Сирија очигледно и дадоа на Исламската држава безбедно место и со цел да ја деградираме подолгорочно, ние ќе градиме регионална стратегија.Барак Обама, претседател на САД
Според извори во американската администрација, создавањето меѓународна коалиција против Исламската држава бил еден од нејзините приоритети.
Главен човек во барањето меѓународна поддршка во справувањето со милитантната организација Исламска држава е американскиот државен секретар Џон Кери. По самитот на НАТО во Велс тој треба да замине за Блискиот Исток.
„Како што реков, искоренувањето на канцерот како Исламската држава, нема да биде брзо или лесно, но свесен сум дека ние можеме и ќе го направиме тоа доколку работиме заедно со нашите сојузници и партнери“, вели Обама.
Британската влада, по обезглавувањата американски новинари од милитанти на Исламската држава за кои се претпоставува дека биле британци, се повеќе инклинира кон интенцијата за градење широка меѓународна коалиција.
Германската влада пак смета дека единствен начин за запирање на милитантите на Исламската држава се американските воздушни напади. Германија веќе има донесено одлука за испраќање оружје за курдите кои се борат против џихадистите во северниот дел на Ирак.
Таква поддршка за нив, како што објави Пентагон, ветиле и Албанија, Канада, Хрватска, Данска, Италија, Британија и Франција.
Американската администрација која засега е ограничена само на разузнавачки летови над Сирија, би требало да одлуката дали да покрене воздушни напади и во таа земја, да ја донесе по самитот на НАТО во Велс.
„Ова е долгорочна и тешка мисија и затоа е неопходно сите сојузници во НАТО да бидат вклучени во неа“, вели Нил Гарднер од фондацијата Херитиџ.