Речиси еден час во скопскиот суд траеше распитот на тужителот, премиерот Никола Груевски, во судскиот процес во кој тој го тужи лидерот на СДСМ Зоран Заев за клевета околу продажбата на Македонска банка. Заев лично му постави најмногу прашања на Груевски, a најголем дел од нив за периодот кога Груевски дојде на чело на ВМРО ДПМНЕ и од кога, како што посочува опозицијата, датира аудио снимката. Но, по приговорите на адвокатот на Груевски, судијката реши да не се прифати прашањето дали Ден Дончев бил генерален секретар на партијата од мај до септември 2004. Инаку, Груевски претходно рече дека Дончев бил генерален секретар кога тој дошол на чело на партијата, а Заев пак првпат обелодени дека аудио снимката му ја дал токму тој. На почетокот на исказот Груевски наведе дека Заев имал, како што рече, зла намера за негова лична дискредитација и за нарушување на честа и угледот. Во моментов исказ дава Заев.