Собранието ја почна расправата за седумте нацрт-амандмани за измени на Уставот со 69 пратеници. На почетокот од расправата беше нацрт-амандманот кој го дефинира бракот. Ова е еден од најконтроверзните нацрт-амандмани.
Семејството, бракот, мајчинството, татковството, како и грижата за децата се меѓу најважните морални обврски. Бракот како заедница е соочен со предизвиците на современото време, обидите за негово редефинирање, деинституализација, како и негова постепена маргинализација.Билјана Бришкоска-Бошковски, заменик-министерка за правда.
Заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски истакна дека со измените во овој дел ќе се овозможи бракот да се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а регистрирањето на вонбрачната заедница да биде исклучиво меѓу еден маж и една жена. Бракот има огромен ефект врз односите на семејството, а со тоа и врз целото општество, рече таа.
„Семејството, бракот, мајчинството, татковството, како и грижата за децата се меѓу најважните морални обврски. Бракот како заедница е соочен со предизвиците на современото време, обидите за негово редефинирање, деинституализација, како и негова постепена маргинализација“, вели таа.
Јас не знам што ќе се преземе против оние луѓе што и понатаму ќе живеат во хомосексуални партнерски заедници, дали тие ќе бидат прогонувани, жигосувани, отстранувани од општеството итн.Роза Топузова-Каровска, ЛДП.
Според поранешната пратеничка на СДСМ, Солза Грчева, ваквата дефиниција и изнесување на бракот како уставна категорија и досега била крута и нецивилизирана и оти со измените тоа се потенцира. Со ова игнорираме 10 до 13 отсто од нашето население кое има поинаква ориентација и кое си заминува од земјата и ги бара своите права на друго место, рече Грчева и додаде дека ова го смета за цивилизациско поместување назад.
„Целиот свет оди напред, ние се затвораме и измислуваме правила. Мене ми е криво што на оваа дискусија не беше присутен министерот за здравство, којшто веројатно компетентно ќе ни кажеше дека во светот некаде во 70-тите години од минатиот век Светската здравствена организација и Светската асоцијација на психијатри ги прогласи како нормални однесувањата хетеросексуалност, бисексуалност, хомосексуалност и асексуалност“, рече Грчева.
Јас немам ништо против некој да си основа заедница ако сака и со 15 жени како Султанот Сулејман, но тоа не значи дека треба да дадам поддршка на таквата појава да се легализира во Република Македонија.Андон Чибишев, ВМРО-ДПМНЕ,
Зборувајќи за амандманот, Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека дава поддршка бракот да биде дефиниран исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена.
„Многу европски држави во своите Устави го имаат дефинирано бракот исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена. Јас немам ништо против некој да си основа заедница ако сака и со 15 жени како Султанот Сулејман, но тоа не значи дека треба да дадам поддршка на таквата појава да се легализира во Република Македонија“, рече Чибишев.
Роза Топузова-Каровска смета дека е доволно што бракот се дефинира со законот за семејство, а според неа неприфатливо е регистрирањето на вонбрачната заедница исто така да се дефинира исклучиво меѓу еден маж и една жена. Таа рече дека овој амандман не ја вбројува Македонија во земјите со развиена демократија.
„Јас не знам што ќе се преземе против оние луѓе што и понатаму ќе живеат во хомосексуални партнерски заедници, дали тие ќе бидат прогонувани, жигосувани, отстранувани од општеството итн.“, рече таа.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз истакна дека измените на Уставот се сериозна работа и нагласи дека е потребно во расправата да бидат вклучени експерти, невладините организации, медиумите и оние кои се опозициски ориентирани да учествуваат со свои мислења.
„За мене е битно, освен политичките партии што сме присутни во парламентот, да се вклучат и опозиционите политички партии коишто го бојкотираат Парламентот, имаат можност тоа преку јавната расправа да го направат ако не сакаат да се вратат во Парламентот“, рече Трајанов.
Инаку, до собраниската расправа за уставните измени дојде еден ден по инцидентот во Парламентот меѓу пратеници на ДПА и на ДУИ. Партијата на Тачи го напушти Собранието. Пред почетокот на расправата Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски јавно ги опомени пратениците кои го предизвикаа и учествуваа во вчерашниот инцидент на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Очекувањата се дека постапката за носење на уставните измени треба да заврши до крајот на октомври. Јавната дискусија треба да трае 30 дена по што Владата треба повторно до Собранието да достави нови предлог-амандмани со вградени забелешки од дискусијата.
До Собранието минатиот месец Владата достави предлог за измена на Уставот со седум нацрт-амандмани кои предвидуваат дефинирање на бракот, измени во составот на Судскиот совет, менување на името на Народната банка, регулирање на фискалната политика, формирање на финансиска зона, Државниот завод за ревизија да биде независен орган и менување на надлежностите на Уставниот суд.