Американскиот претседател Барак Обама предупреди од прекумерна употреба на сила врз демонстрантите во Фергусон каде што убиството на 18 годишниот Мајкл Браун предизвика протести во градот. Обама ги осуди и насилствата од страна на демонстрантите.
„Ги разбирам страста и гневот што произлегуваат од смртта на Мајкл Браун, но ограбувањето и нападите врз полицијата можат само да ја зголемат напнатоста и да ја одалечат правдата.“
Во текот на вчерашниот ден во Фергусон пристигнаа двесте припадници на Националната гарда кои, како што јавуваат новинските агенции, поставиле снајпери на покривите во опколената област.
Ваквиот чекор беше одобрен од гуверенрот на Мисури Џеј Никсон кој го укина полицискиот час во градот, но забрани секакви собири.
„Тие наместо да ги заштитуваат американските граѓани, се борат со невооружени луѓе“, вели Рон Хенри, еден од демонстрантите.
Ги разбирам страста и гневот што произлегуваат од смртта на Мајкл Браун, но ограбувањето и нападите врз полицијата можат само да ја зголемат напнатоста и да ја одалечат правдата.
Претседателот Обама изјави дека ангажирањето на војниците на Националната гарда би требало да биде ограничено.
„Дозволете ми, исто така, дека треба да биде јасно оти нашите уставни права за слободен говор, собирање и известување мора да бидат внимателно заштитени, особено во вакви моменти. Нема оправдување за употреба на прекумерна сила на полицијата или за акција со која им се спречува на луѓето да протестираат мирно.“
Обама најави дека во наредните денови ќе ја надгледува ситуацијата со цел да не дојде до нејзино натамошно влошување.
За таа цел тој во Фергусон го испраќа министерот за правда Ерик Холдер на разговори со претставници на ФБИ кои вршат истрага во врска со убиството на момчето.
Досегашната истрага покажа дека било застрелано од 28 годишниот полицаец Дарен Вилсон со шест куршуми, но има разни верзии за тоа како дошло до убиството.
Тоа предизвика незадоволство во Фергусон, предградие на Сент Луис, каде што мнозинството жители се афроамериканци. Претседателот Барак Обама предупреди на како што рече, „јазот на недоверба меѓу жителите и полицијата во многу американски градови, особено каде што расните малцинства се чувствуваат исклучени од можностите“.
„Во многу заедници обоените млади луѓе најверојатно ќе завршат во затвор или на суд, отколку на универзитет или некоја работа“, изјави Обама додавајќи дека Соединетите држави постигнале голем, но не и доволен напредок во борбата против расните предрасуди.
„Ајде да бараме заздравување, наместо да се повредуваме едни со други. Како Американци треба да го икористиме овој момент да ја бараме нашата заедничка човечност. Ние напредуваме обидувајќи се да се обединиме и да се сфатиме едни со други, а не да се делиме“, рече Обама кој на два дена се врати во Вашингтон од двонеделениот одмор на еден остров во Масачусетс.