Главниот обвинител на САД утре во Фергусон

Ерик Холдер

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Главниот обвинител Ерик Холдер утре ќе отпатува за Фергусон, Мисури, каде што невооружен тинејџер беше убиен од полицијата пред 10 дена. Обама истакна дека Холдер ќе се сретне со претставници на ФБИ и Департментот за правда за спроведување на независна истрага околу инцидентот.

Националната гарда беше распоредена во Фергусон по неколкудневните протести откако полицијата го застрела Мајкл Браун на 9 август.

Обама од Белата Куќа повика на смиреност, додавајќи: „ова е начинот како ние ќе одиме напред заедно, со обиди да се обединиме и да се разбереме едни со други, а не само да се делиме меѓусебно. Грабежите и носењето оружје, па и нападите врз полицијата само доведуваат до хаос и растење на тензиите“.