Македонија може да очекува помош и притисоци во Берлин

Економските прашања и проблеми во регионот ќе бидат клучни прашања на кои ќе се осврнат учесниците на конференцијата за Западен Балкан во Берлин што ја организира канцеларката Ангела Меркел.

Премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски се сигурните патници кои на 28 август ќе заминат за Берлин на конференцијата за Западен Балкан што ја организира канцеларката Ангела Меркел, информираат од Министерството за надворешни работи. Од таму велат дека можно е во тимот што ќе замине во германскиот главен град да има и други министри или претставници на економските ресори, но дека уште кој друг ќе заминел ќе се конкретизирало подоцна.

Можни се разни мерки од типот на дополнителни олеснувања, преференции и субвенции, грантови итн., техничка помош, помош во знаења и искуства.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Очекувањата се дека согласно и најавите во официјалниот дел од состанокот акцентот ќе биде ставен на економските прашања и проблеми во регионот. Според економистот Зоран Ивановски за Германија е важна економската состојба во овие земји, бидејќи нивното приближување кон Европската унија ќе биде олеснето ако државите се економски интегрирани меѓусебе, а и со Унијата.

„Можни се разни мерки од типот на дополнителни олеснувања, преференции и субвенции, грантови итн., техничка помош, помош во знаења и искуства“, вели Ивановски.

Уште еднаш ќе им биде повторено тоа дека треба да се најде компромис во врска со името. Директен притисок за промена на името не може да врши никој на Македонија, меѓутоа има многу аргументи во смисла на политичко несоодветно однесување или злоупотребување на ова несогласување со Грција.
Горан Рафајловски, поранешен македонски амбасадор во Германија.

Поранешниот македонски амбасадор во Германија Горан Рафајловски, пак, вели дека досега Германците генерално го користат програмите за техничка и финансиска помош кои што се реализираат преку Германско друштво за меѓународна соработка ГИЗ и преку КФВ банката, но и оти можат да лобираат кај свои компании да инвестираат во конкретни земји.

Од МНР брифираат и дека најверојатно ќе се искористи можноста со Меркел да се отворат прашањата важни за иднината на Македонија, како членството во НАТО и приближувањето кон Европската унија.

Иако експлицитно не споменуваат, се очекува да се зборува и за прашањето за името, за кое неодамна и лично германската канцеларка најави дека се интересирала. Прашањето за името е константен проблем, оценува Рафајловски кој додава дека македонското раководство точно знаело што од него се бара.

„Уште еднаш ќе им биде повторено тоа дека треба да се најде компромис во врска со името. Директен притисок за промена на името не може да врши никој на Македонија, меѓутоа има многу аргументи во смисла на политичко несоодветно однесување или злоупотребување на ова несогласување со Грција во смисла на присвојување на одредени личности од историјата, градење на некоја антиквизација, која што да кажеме нема никаква допирна точка со преродбата којашто ја имала Македонија во изминатите векови и со нашето културно наследство“, вели Рафајловски.

Инаку на конференцијата ќе учествуваат делегации од сите земји од Западен Балкан, а покрај Меркел ќе присуствува и претставници на Европскиот совет и на Европската комисија.