Со стотина куќи од кои повеќето од половина се празни, со педесетина жители, главно повозрасни, кумановското село Скачковце, на 14-от километар десно по регионалниот асфалтен пат кон Свети Николе, без посетителите на манастирот „Света Троица“, остава впечаток на празна населба. Селото живнува за викендите и празниците, кога во манастирскиот комплекс на ридот над селото се слеваат посетители од сите делови на државава. Мештаните, кои не заминале или малкутемина од нив кои како пензионери се враќаат на родните огништа, се гордеат со манастирот, но и се надеваат дека колку-толку селото ќе заживее.
Откако се направи манастирот сега доаѓаат многу луѓе. Доаѓаат пензионери, деца кога одат на училиште, кога е празник, особено православниот Света Троица се собираат многу луѓе.Стојан Петрински, жител на Скачковце.
„Откако се направи манастирот сега доаѓаат многу луѓе. Доаѓаат пензионери, деца кога одат на училиште, кога е празник, особено православниот Света Троица се собираат многу луѓе“, раскажува 75-годишниот Стојан Петрински.
Мештаните се благодарни на прота Стојан Пајковски. Тој потекнува од селото, бил иницијатор и ктитор да се изгради овој простран, современо опремен комплекс на ридот. Комплексот е привлечен зашто не многу далеку од градската врева се влегува во владение на тишина што само песните на птиците ја „нарушуваат“.
Многу луѓе доаѓаат и со тоа селото стана познато.Билјана Колевска, жителка на Скачковце.
„Многу луѓе доаѓаат и со тоа селото стана познато“, вели Билјана Колевска.
„Се гордееме со манастирот, изграден е од ништо, порано имало само еден мал крст, вели Душко Стојковски.
„Интересно е што младите сè повеќе почнаа да се венчаваат тука и да се крштеваат“, забележува посетителка и додава дека со пријатели и роднини барем еднаш во месецот го посетува комплексот. Тука го наоѓа спокојот од секојдневната врвулица.
Стојан Деспотов раскажува дека, кога веќе бил изграден манастирот, тој со сопствени средства и своја работа ја возобновил чешмата во близина на комплексот.
„Секоја вода е лековита, без вода не бидува ништо. Сега е во функција“, вели тој.
Меѓутоа мештаните забележуваат дека, иако се прават свадби и доаѓаат посетители, сепак во селото нема луѓе. Тие се надеваат дека секоја година нивниот број ќе се зголемува, но тоа се главно пензионери кои ќе се враќаат.
Инаку, пространиот манастирски комплекс пред безмалку деценија и половина изграден на највисоката точка над селото Скачковце претставува бисер на овој дел од кумановскиот крај. Фрескоживописот во стар македонски стил во црквата „Света Троица“ е дело на академските сликари Благоја Кузмановски и Веле Ташевски, а скулптурите поместени во дворот се на вајарот Јане Антониев. И сето тоа претставува празник за душа и за очи.