Луѓето кои од Македонија заминуваат да се борат на страна на исламистите во Ирак и во Сирија може да бидат сериозна закана за безбедноста на земјава, прогнозираат дел аналитичари. Според професорот Владимир Пивоваров службите мора да преземат сериозни мерки за следење на состојбата.
Ваквите лица со таква едукација, со таква обука, како верска, така и борбена во даден момент апсолутно може да бидат искористени за потребите на таквите организации и кога би требало нешто да се реагира на тлото на Европа.Владимир Пивоваров, универзитетски професор.
„Ваквите лица со таква едукација, со таква обука, како верска, така и борбена во даден момент апсолутно може да бидат искористени за потребите на таквите организации и кога би требало нешто да се реагира на тлото на Европа, тие би биле во првите борбени редови, а не знаме тие можеби веќе станале и луѓе самоубијци“, вели Пивоваров.
Тој додава дека со такви обуки како што ги имаат македонските државјани на далечните боишта со мал чекор може сериозно да ја дестабилизираат државата.
Заради локалниот контекст на тие војни, не верувам дека Македонија би можела да има какви било импликации. Тоа е пред се заради тоа што никој таму не отишол за Македонија или од Македонија во смисла на свесност.Рамадан Рамадани, политички аналитичар.
Засега пак не се знае колкав е нивниот број но не ретко има вести за некој загинат македонски државјанин во Сирија. Според една анализа објавена пролетва на Меѓународниот центар за истражување на радикализацијата 9,6 отсто од вкупниот број странски доброволци што се борат во таа земја се од балканските држави меѓу кои е и Македонија.
Аналитичарот Рамадан Рамадани е воздржан околу процената за бројноста на македонските државјани кои се борат на страна на исламистите.
„Заради локалниот контекст на тие војни, не верувам дека Македонија би можела да има какви било импликации. Тоа е пред се заради тоа што никој таму не отишол за Македонија или од Македонија во смисла на свесност“, вели Рамадани.
Во меѓувреме, откако и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека во земјава живеат лица кои веќе се бореле во воените конфликти на Блискиот Исток се актуализираше и иницијатива на поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Павле Трајанов со затвор да се казнуваат македонските граѓани кои директно учествуваат во конфликти или војни во други земји но законски измени се уште нема.
Пивоваров инсистира дека мора да се преземат такви мерки за казнување.
„За ваква сериозна ситуација не смееме да чекаме веќе ниту момент, нити една секунда, бидејќи гледате дека ни е кревка ситуацијата на меѓуетнички план и во ваквите масовни демонстрации кои се јавуваат едно такво лице да поттикне поголеми нереди од оние кои ги гледаме на нашите улици, може да излезе сè од контрола“, оценува Пивоваров.
Косовската полиција пак денеска соопшти дека уапсила 40 луѓе под сомневање дека учествувале во војните во Ирак и Сирија во формации на Исламската држава и на Ал Нусра а според нивните податоци досега 16 државјани на Косово биле убиени за време на борбите во Ирак и во Сирија. И Албанија неодамна уапси осум лица, меѓу кои и двајца самопрогласени имами, обвинети за регрутирање и испраќање борци во Сирија. Велика Британија ги предупреди своите граѓани да не се приклучуваат во воениот конфликт во Сирија оти ако бидат, а откриените ќе им било одземено британското државјанство.