Искршено кафуле поради музиката која не била по вкус на насилниците. Турканици и шок бомба на стадион во Битола поради која еден навивач на фудбалскиот клуб Вардар остана без дел од дланката.
Мислам дека во прашање се проблемот на економската криза, на неизвесноста, проблемот на нефункционирањето на политичките и социјални институции, проблемот со бесперспективноста со којашто за жал се соочуваме.Ѓорѓи Тоновски, социолог.
Последниве денови за краток период се случија инциденти од различни причини, но и двата се резултат на агресивноста кај македонските граѓани која, според упатените, е во пораст.
Социологот Ѓорѓи Тоновски оценува дека насилството порано било однапред осудено и стопирано, а дека денес се манифестира во секојдневието и, како што вели, во многу драстични форми. Тој додава и дека има повеќе причини за растот на агресивноста.
На последните избори Груевски им се обрати на своите – дајте ми толку гласови и јас ќе им покажам на нив кои сме ние. Ахмети на другата страна им го порача на своите сличното со ист жаргон. Тоа веќе е силна порака до граѓаните дека постојат два табори во општеството и тие носат и етнички конфликти.Хасан Јашари, социолог.
„Мислам дека во прашање се проблемот на економската криза, на неизвесноста, проблемот на нефункционирањето на политичките и социјални институции, проблемот со бесперспективноста со којашто за жал се соочуваме“, вели Тоновски.
Социологот смета и дека е тешко ваквата ситуација брзо да се надмине, туку дека мора сите институции и општеството сериозно да се ангажираат. Последниов период, пак, исто така при изразувањето на револт или некои други настани, оние што доаѓаат во контакт со полицајците имаат забелешки и на нивното однесување. Всушност недоразбирања меѓу навивачите на Вардар и МВР има и по последниот инцидент на стадионот во Битола.
„Ако полицијата навреме ги открива причините за настаните, ако таа брзо не реагира, ако не ја информира брзо јавноста, ако е нетранспарентна, со самото тоа создава и определени можности за манипулација со нејзиното можно учество или неучество во определени настани“, вели Тоновски.
Социологот Хасан Јашари вели дека полицијата досега се однесува коректно и на неа не може да и се забележи за агресивно однесување. Тој вели дека постојат два типа на агресивност. Едниот е поттикнат, како што вели, од социјалното раслојување на многу богати и на многу сиромашни, а вториот е врз меѓуетнички основи.
„На последните избори Груевски им се обрати на своите – дајте ми толку гласови и јас ќе им покажам на нив кои сме ние. Ахмети на другата страна им го порача на своите сличното со ист жаргон. Тоа веќе е силна порака до граѓаните дека постојат два табори во општеството и тие носат и етнички конфликти. Се гледа фактот дека веќе сме поделени на „ние“ и „тие“ и тука се бара изворот или изговорот за егзистенцијалните прашања на луѓето“, вели Јашари.
Според едно испитување на јавното мислење, пак, спроведено лани за потребите на Македонскиот институт за медиуми, речиси 80 отсто од граѓаните забележале говор на омраза помеѓу политичарите и поддржувачите на различните политички партии во земјата.