Меѓуетничките поделби се продлабочуваат

Илустрација.

Досегашните влади покажаа дека немаат капацитет, прво да ги разберат причините зошто ни се случуваат меѓуетничките инциденти, а потоа и да ги решаваат.

Меѓуетничките односи во земјава се влошуваат, а поделбите во општеството се продлабочуваат. Вака политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети ја коментира зачестената појава на меѓуетнички инциденти во државава. Според него Владата треба да покаже иницијатива за решавање на овој проблем и спречување на причините кои доведуваат до меѓуетнички тензии.

Мора да се препуштаат работите на средување на ваквите случаи на институциите на сиситемот и со тоа да се гради довербата во нив од сите граѓани во земјава, независно од нивната етничка припадност.
Александар Кржалоски, Македонскиот центар за меѓународна соработка.

„Гледаме години наназад дека нашите влади, не само оваа, туку и претходните, дека немаат капацитет, прво да ги разберат причините зошто ни се случуваат овие инциденти, второ немаат капацитет да ги решаваат на начин што нема само да ги заташкаат последиците, туку и да ги решат причините кои доведуваат до вакви инциденти“, вели Мехмети.

Од Македонскиот центар за меѓународна соработка велат дека нивните неодамнешни истражувања за дискриминацијата по етничка основа покажуваат поволен тренд, односно намалување на дискриминација по основ на етничката припадност. Извршниот директор Александар Кржалоски вели дека е потребно институциите на системот да ги решат проблемите на етничките заедници, а со тоа да ја придобијат довербата на граѓаните кон нив.

Немаат капацитет да ги решаваат на начин што нема само да ги заташкаат последиците, туку и да ги решат причините кои доведуваат до вакви инциденти.
Ибрахим Мехмети, политички аналитичар.

„Мислам дека тоа е вистинската насока натаму бидејќи мора да се препуштаат работите на средување на ваквите случаи на институциите на сиситемот и со тоа да се гради довербата во нив од сите граѓани во земјава, независно од нивната етничка припадност. Секако и самите институции треба да придонесат за градење на доверба кон нив самите со непристрасно процесирање на таквите ситуации, без разлика на тоа дали се работи за судски случаи или за ова што се случи во чаршијата“, вели Кржаловски.

Мехмети, пак, вели дека политичарите оставаат лош пример врз граѓаните и предизвикуваат продлабочување на јазот меѓу етничките заедници. Потребна е долгорочна стратегија на надлежните, а не пакет економски мерки или брз одговор на полицијата кога ќе дојде до некаков инцидент, посочува Мехмети.

„Не може исто така само преку економски мерки да се спречат меѓуетничките инциденти, оти тоа е занемарување на природата на овие инциденти. Не може полициските мерки да биде одговор на причините кои доведуваат со овие инциденти“, вели Мехмети.

Кржалоски укажува дека политичката дискриминација во општеството е најголема, а веднаш по неа е дискриминацијата по етничка основа. Иако ова е знак на зголемување на меѓуетничката толеранција, инцидентите се уште се присутни. Затоа според него, особено важно е однесувањето на политичките партии, пораките кои тие ќе ги испратат во насока на смирување на тензиите.

„Иако нели секогаш има вакви инциденти, под а: тие се поретки, под б: самите партии ги осудуваат непристрасно и веројатно работат на нивна превенција и на ширење на вакви случаи и така треба и да продолжат“, вели Кржалоски.

Бидејќи во земјава политичарите се тие кои го даваат правецот на сите општествени текови, јасно е дека од таму произлегува проблемот, уверуваат експертите. Со осознавање на причините ќе може да се пристапи кон нивно решавање, иако барем засега нема сериозен обид или свест дека нешто не е во ред и дека проблемот треба да се решава почнувајќи од институциите, па до граѓанското општество.