Претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со медијаторот на ОН, Метју Нимиц изјави дека до решение за прашањето за името може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Според соопштението, Иванов со Нимиц ја разгледал актуелната состојба и ја афримирал посветеноста за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за спорот со името со Грција.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски исто така оствари средба со Нимиц на која присуствувал и новиот претставник на Македонија во процесот на преговори, Васко Наумовски. Попоски ги истакнал заложбите на земјата за решение и целосна посветеност на процесот.