Малезиски авион од типот Боинг 777 се урна во источна Украина во близина на границата со Русија. Во авионот, кој патувал од Амстердам до Куала Лумпур се превезувале 280 патници и 15 членови на екипажот.
Антон Херашченко од украинското министерство за внатрешни работи изјави дека сите патници загинале во несреќата.
Според него, авионот летал на висина од 10 илјади метри кога бил погоден од проектил.
Авионот се урна во близина на Шахтарск, кој се наоѓа во регионот Доњецк, кој е под контрола на сепаратистите и каде се водат борбите со украинската војска.
Од Малезија Ерлајнс соопштија на твитер дека загубиле контакт со авионот додека летал во украинскиот воздушен простор.
Украинскиот премиер Арсениј Јатсениук нареди истрага за случајот.
Украинскиот претседател Потро Порошенко изјави денеска дека малезискиот авион можеби бил соборен, но дека украинската војска не преземала никаква акција против ниту една мета во реонот каде се случи несреќата.
Самопрогласениот премиер на Донецк, Александар Бородаи негираше било каква вмешаност во несреќата. Според него, сепаратистите не поседуваат ракета која може да сруши авион кој лета на висина од 10 илјади метри. Според него, инцидентот е провокација од украинската војска.
Меѓутоа, во пост на В Контакт сепаратистичкиот лидер Игор Гиркин познат како Стрелков напиша дека про-руските сепаратисти го урнале авион на украинската армија АН-26 на околу 40 километри источно од Доњецк. Прикажани се и две видеа на кои се гледа чад во далечина.