Селските населби во дебарско нагрдени од диви депонии

Илустрација.

Локалните власти во општините Дебар и центар Жупа веќе преговараат со јавните комунални претпријатија за собирање на сметот во руралните средини. До сега договор не е постигнат. Дел од селското население не се согласува да наплатува сметки за собирање на сметот.

И оваа лето во општините Дебар и Центар Жупа во поголемиот број на селски населби има бројни диви депонии. И покрај тоа што речиси секое село има прекрасна природа, сепак населбите ги огрдува сметот кој се фрла насекаде, а во овие летни денови –депониите се извор на зарази.

И ние сакаме сметот да го фрламе во контејнери. Ете под мојата куќа има една голема дива депонија, смрди. Кога има големи врнежи сметот завршува во Дебарското Езеро.
Жителка на селото Џепиште.

Во селата Џепишта и Отишани кои се во близина на Дебарското Езеро смет има насекаде. Никој не го собира, а животната средина почнува да се загадува.

Центар Жупа.

„Овие диви депонии ги создава народот. Насекаде е загадено. Сметот се фрла насекаде. Решението го гледам во собирање на сметот во организација на општината. И ние ќе плаќаме како во другите места. И ние сакаме сметот да го фрламе во контејнери. Ете под мојата куќа има една голема дива депонија, смрди. Кога има големи врнежи сметот завршува во Дебарското Езеро“, вели жителка на селото Џепиште, село кое се наоѓа и на самиот регионален патен правец Дебар–Струга.

Дивите депонии во општина Центар Жупа ги има насекаде. Нема населено место каде нема дива депонија. Овие депонии се сериозен проблем за животната средина и околината, но и за здравјето на луѓето.
Деар Лимановски, еколошко друштво „Стогово“.

Сметот не се собира ниту во најголемото дебарско село Могорѓе кое има над 2.500 жители, ниту пак во селата Горно Косоврасти и Долно Косоврасти во кои живеат над 1.500 жители.

Слична е состојбата со дивите депонии и во руралната општина Центар Жупа , која порано како територија припаѓаше на општина Дебар. Претседателот на еколошкото друштво „Стогово“, Деар Лимановски, вели дека дивите депонии во Жупа ги има насекаде и тие се голема закана за животната средина, но и за здравјето на луѓето. Во селото Броштица кое е едно од поголемите села во Жупа, село во кое живее Лимановски има над 20-тина диви депонии.

„Дивите депонии во општина Центар Жупа ги има насекаде. Нема населено место каде нема дива депонија. Овие депонии се сериозен проблем за животната средина и околината, но и за здравјето на луѓето. Треба да се превземаат сериозни мерки за да се реши проблемот со собирањето на сметот.“

РСЕ : како го гледате решавањето на овој проблем ?

„Во тој контекст решението треба да биде на општината, но заедно и со невладините организации. Исто така сметам дека битно е да се подигне и свеста на населението во селските средини. Населението има потреба да внимава многу повеќе кога е во прашање животната средина, се фрла смет насекаде“, додава Лимановски .

Локалните власти во општините Дебар и центар Жупа веќе преговараат со јавните комунални претпријатија за собирање на сметот во руралните средини. До сега договор не е постигнат. Дел од селското население не се согласува да наплатува сметки за собирање на сметот. Месните заедници во селата наведуваат дека тие се немоќни да ги убедат оние кои се против плаќање на оваа услуга. Од друга страна, јавните комунални претпријатија кои ги има две во двете општини, со право бараат средства за вршење на проширената активност.

Во една ваква состојба добар дел од дивите депонии за време на врнежи од дожд завршуваат во водите на дебарското езеро, кое од ден на ден наликува во одредени локации како депонија. Убавите предели во двете општини и прекрасните руралните населби го губат селскиот сјај поради сметот кој го има насекаде.