На демонстрациите во Скопје полицијата употреби водени топови, солзавец и шок бомби за да ја смири толпата народ која тргнала кон Владата, а во моментов е потисната кон Мавровка.
Претходно, од Јаја паша неколку илјади демонстрати тргнаа кон судот а на Бит Пазар им се приклучија уште неколку стотини. Станува збор за протестот против доживотните казни изречени неделава за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.
Во моментот како што јавува нашиот дописник демонстрантите фрлаат камења кон зградата на Судот, а на новинарите не им дозволуваат да снимаат. Таму пристигнале и припадни на специјалните полициски сили. Пред судот се слушаат извици „ние не сме терористи“, „Јанкуловска е терорист“, „Голема Албанија“,, „полициска држава“.
Демонстрантите сметаат дека обвинението нема цврсти докази за изречените шест доживотни затворски казни. Алил Демири, браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута беа осудени на доживотен затвор откако беа прогласени виновни за кривично дело тероризам. Обвинетиот Сејди Рами е ослободен бидејќи не се докажа дека е виновен за кривичното дело за кое беше обвинет. Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово, кадешто одлежуваат казна затвор за недозволено поседување оружје. Токму тие двајца, заедно со Агим Исмаиловиќ се осудени како директни извршители на убиството на младите момчиња, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски и Филип Славковски, како и на рибарот Борче Стефковски.