Џихадистите прогласија калифат во Ирак и Сирија

Припадници на екстремната сунитска група Исламска држава Ирак и Левант прогласија независна исламска држава на територијата што ја зазедоа во северна Сирија и во дел на Ирак. Во меѓувреме, продолжува офанзивата на ирачките сили за враќање на контролата врз градот Тикрит кој падна во рацете на џихадистите.

Портпаролот на Исламската држава Ирак и Левант Абу Мохамед ал Аднани изјави дека лидер на калифатот ќе биде највисокиот претставник на оваа група Абу Бакир ал Багдади.

Тој ги повика сите кои живеат на територијата на новата држава да му се заколнат на верност на ал Багдади.

Припадници на Исламската држава Ирак и Левант, поврзани со Ал каеда, пред неколку недели тргнаа во офанзива и зазедоа големи делови на Ирак и Сирија.

Сега ирачките владини сили презедоа контраофанзива во северниот град Тикрит каде што, според новинските агенции, се воделе жестоки борби во кои се користеле хеликоптери и тенкови.

Во меѓувреме, ирачката влада соопшти дека од Русија ги добила првите пет борбени авиони од типот Сухој кои треба да помогнат во борбата против милитантите.

Официјален Багдад прецизира дека станува збор за стари авиони од типот СУ 25 и оти наскоро во Ирак ќе пристигнат дополнителни руски борбени летала.

„Очајно овие денови ни требаат руските авиони Сухој, кои се специјализирани за поддршка на војниците во битки против терористите“, изјави командантот на ирачките воздухопловни сили генерал Анвар Хама Амин. Авионите СУ 25 се дизајнирани за ниски летови и за напади врз населени места.

Очајно овие денови ни требаат руските авиони Сухој, кои се специјализирани за поддршка на војниците во битки против терористите.

Се верува дека ирачката влада ги купила од Москва и оти зделката била вредна околу 500 милиони долари.

Ирачката влада на премиерот Нури ал Малики претходно соопшти дека од почетокот на офанзивата на милитантите загинале стотици војници и над илјада цивили.

Многумина аналитичари токму шиитската влада на Малики ја обвинуваат за сегашните насилства, односно за неуспехот да промовира национално единство во Ирак. Тој деновиве е под засилен притисок да формира широка влада.

Ирачкиот врховен верски лидер големиот ајатолах Али ал Систани ги повика политичките партии да постигнат согласност за нов премиер до први јули кога треба да заседава новиот состав на парламентот.

Националната коалиција, предводена од поранешниот премиер Ијад Алави, соопшти дека нема да учествува на седницата се додека политичките партии не усвојат план за излез на земјата од сегашното крвопролевање.

„Националната коалиција ги повика политичките партнери да ја бојкотираат првата сесија на парламентот и да ги отфрлат предложените лажни промени кои ниту му служат на народот ниту пак ќе ја решат сериозната криза во која се наоѓа нашата сакана земја“, изјави членот на Националната коалиција Хатм Хатаб.