За пример...

Стефан Богоев, претседател на СДММ.

Народот во Ирачки Курдистан е класичен пример за народ кој ѓаволски тешко се изборил за својата држава, но сега го цени, го гради и го негува тоа што го има. Кај нас, пак, врхушката на власт мисли дека доволно е неколку споменици и улици со имиња на народни херои за да се сочува и изгради државата, пишува претседателот на подмладокот на СДСМ, Стефан Богоев, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Изминатиов период, како дел од светска конференција за млади лидери, имав можност да престојувам во Ербил, главен град на автономната ирачка област, Курдистан. Курдистан е термин кој се користи за област на која се населени Курди и покрива територија на граничните делови од Турција, Сирија, Иран и Ирак. Слушајќи низ годините на вести само црна хроника за овој дел од светот, тоа и очекував да го видам. Но, таму видов нешто сосема спротивно.
Народот во Ирачки Курдистан е класичен пример за народ кој ѓаволски тешко се изборил за својата држава, но сега го цени, го гради и го негува тоа што го има. Кај нас, пак, врхушката на власт мисли дека доволно е неколку споменици и улици со имиња на народни херои за да се сочува и изгради државата.

Возејќи се од аеродромот до хотелот, не можев да се изначудам на сите градежни зафати кои се одвиваа. Ако мислите дека и таму споменици и фонтани градат, се лажете! Интензивно се гради патна инфраструктура, хотели, згради за колективно домување, шопинг центри, но и енергетска инфраструктура.

Народот на Ирачки Курдистан низ годините има премногу страдано. Кон крајот на 80-тите години во неколку наврати биле жртви на бомбардирање со хемиско оружје, како и на убиства и насилство од страна на режимот на Садам Хусеин. Биле и жртви на неколку ембарга, а како резултат на сето тоа имало неколку стотици илјади мртви. Сепак, нескршливата волја и желбата за сопствена автономна држава ги одржала во живот и денес живеат како дел од Ирак, но со сопствена регионална влада која во голема мера одлучува за судбината на народот и државата.

Откако ја имав честа лично министерот за надворешни работи во кратки црти да ми ја раскаже историјата, не можев, а да не си ја поврзам со историјата на Македонија, периодот под османлиската империја, како и Македонците кои живеат и во Македонија, но и во сите соседни држави, слично како случајот со Курдистан. Но, меѓу другите разлики, клучна разлика е што Македонија денес ужива независност, а Ирачки Курдистан се бори да ја задржи автономијата.

По добивањето на автономија, регионалната влада на Курдистан почнува целосно да се посветува на неколку клучни работи: интензивна офанзива на дипломатијата, привлекување на инвеститори за ископување и транспорт на нафта и гас како и создавање на нова инфраструктура и стабилни институции. За потребите на дипломатијата, премиерот ЛИЧНО ги исконтактирал најобучените и најобразованите кадри кои живееле во други држави и побарал од нив да ѝ помогнат на државата и да работат за владата. Истото е направено и во Министерството за енергетика и останатите ресори на владата.

За разлика од ситуацијата таму, кај нас најдобрите студенти во која било област полесно може да најдат работа во некоја друга држава или за некоја друга влада. Џабе им се дипломите, искуството и знаењето ако немаат портокалова партиска книшка со лавче. За потребите на државата, во Ирачки Курдистан ги враќаат назад најквалитетните кадри, а за потребите на партијата на власт, во Македонија најспособните кадри се испраќаат надвор од државата, за секој случај, да не им текне да бидат непослушни и да размислуваат со своја глава.
Најдобар начин да се негува и чува ликот и делото на оние кои гинеле и се бореле за државата е да се продoлжи по нивниот пат. Со грижа и одговорност кон сопствениот народ, а не со извртување на историјата и со лажен патриотизам.

Имав прилика да разговарам и со Министерот за енергетика на регионалната влада. Имаат неколку реки преку кои произведуваат струја, ако почнат да наводнуваат преку истите ќе падне нивото и ќе има недостаток на струја. Токму затоа, направиле стратегија за создавање електрична преку соларна енергија, имајќи предвид дека имаат премногу сончеви денови. На овој начин, објаснува министерот, ќе добиваме струја од сонцето и ќе може да ги користиме реките за наводнување и така ќе развиеме земјоделство. Останав без зборови...

Си ја замислувам ситуацијата во Македонија: сонце имаме колку сакаш, вода уште повеќе. Обработлива земја имаме во изобилство, а климата е одлична за одгледување на скоро сè и сешто. А сепак, увезуваме струја од други земји, соларна енергија не развиваме ни под разно, земјоделството ни е полуразвиено…

Искуството од конференцијата беше одлично, но паралелата со Македонија беше разочарувачка. Народот во Ирачки Курдистан е класичен пример за народ кој ѓаволски тешко се изборил за својата држава, но сега го цени, го гради и го негува тоа што го има. Кај нас, пак, врхушката на власт мисли дека доволно е неколку споменици и улици со имиња на народни херои за да се сочува и изгради државата.

Најдобар начин да се негува и чува ликот и делото на оние кои гинеле и се бореле за државата е да се продoлжи по нивниот пат. Со грижа и одговорност кон сопствениот народ, а не со извртување на историјата и со лажен патриотизам.

П.С. На конференцијата имаше учесници од 15-тина држави, а СДММ и СДСМ беа претставени под уставното име на државата, Република Македонија! Никој воопшто на тоа не ни реагираше. Едноставно, убавиот збор, железни врати отвора.