Дождот ги поплави прилепчани

Дворот, гаражата и приземјето од куќата на семејството Царчески три часа биле во вода, сè додека не се повлекла во шахтите на улицата што води кон индустрискиот дел од градот и зоната во изградба Прилеп 3.
Семејството Царчески повторно се соочува со последиците од последното невреме, со пороен дожд и град што го зафати Прилеп. Дворот, гаражата и приземјето од куќата три часа биле во вода, сè додека не се повлекла во шахтите на улицата што води кон индустрискиот дел од градот и зоната во изградба Прилеп 3. Тие се револтирани, зашто ова не е прв, ниту единствен случај, велат по пет до шест пати годишно им се случува истата драма.
При секое вакво невреме спратот се полни цел со вода, ѕидовите се целосно во распаѓање, трулат, никој не иди да се заинтересира ова да се среди. Ти знаеш што значи шахтите, канализацијата, одводот од цел град да влегува в куќа.
Олга Царческа, жителка на Прилеп.

Тие стравуваат секогаш кога времето ќе се наоблачи, бидејќи не знаат што може да ги снајде и колку ќе биде високо нивото на водата, полна со фекалии што ќе им влезе во дворот и куќата.

„При секое вакво невреме спратот се полни цел со вода, ѕидовите се целосно во распаѓање, трулат, никој не иди да се заинтересира ова да се среди. Ти знаеш што значи шахтите, канализацијата, одводот од цел град да влегува в куќа. Неколку пати му се оди, никој не е дојден да види што се случува, чекаме три саати, да се повлече водата, па да се влезе в куќа, а куќата внатре е полна со вода“, вели Олга Царческа.

Домаќинот Трајче Царчески е револтиран, зашто не може веќе да најде крај на овој проблем. Вели откако е направена улицата, една деценија, нивната куќа е постојано поплавена, а штетите се големи, стресот што го доживуваат згора над сè.
Секоја година по шест до седум пати најмалку се полни куќава со вода. Треба мостовите да се прошират и атмосферска канализација да се направи и никако да се реши некогаш проблемот.
Трајче Царчески, жител на Прилеп.

„Секоја година по шест до седум пати најмалку се полни куќава со вода. Треба мостовите да се прошират и атмосферска канализација да се направи и никако да се реши некогаш проблемот. Пријавуваме во општина, бадијала, ај ќе видиме, ај ќе видиме, нема проблем... Едната соба, тоа штиците, ламинатот е фиран направен, фрижидерите два три пати се расипуваат“, вели Царчески.

Реагираат и соседите. Велат по секое невреме, освен што им се поплавени дворовите, се шири непријатен мирис на фекалии и отпадоци. Оваа вода, велат, е извор на зараза, а им ги полни дворовите каде што живеат, голем дел од денот тие тука го минуваат, особено во пролет и лето. Сите бараат надлежните да преземат мерки, што поскоро да се реши проблемот. Наспроти материјалните штети и стресот, сега стравуваат дека оваа вода може да биде опасна по нивното здравје.

Последното невреме го отежна сообраќајот и на повеќе места во градот, каде шахтите немаа капацитет да ја соберат целата вода од поројните врнежи којашто се слеваше од населбите Тризла, Точила и Варош и која со себе носеше многу нечистотија.

Од Јавното претпријатие Водовод и канализација најавија стручни екипи за да се изврши увид и да се побара решение за проблемот со куќата на Царчески и воопшто испустите во таа населба.