Творештвото на македонските композитори на дланка

„47 македонски композитори“ е насловена книгата на музикологот и музички критичар Марко Коловски што како издание на Сојузот на композиторите на Македонија се појави неодамна. Станува збор за обемен труд кој преку портретите на творците од првата генерација до денес и пописот на нивните дела, пополнува една голема празнина во македонската научна музичка мисла.
Марко Коловски, авторот на книгата „47 македонски композитори“ што како издание на СОКОМ беше публикувана неодамна, за себе знае да каже дека неколку децении наназад се занимава со македонската музика и во последниве неколку години малку поинтензивно со македонското музичко творештво.
Сакаме корисниците од целиот свет да можат да се информираат за она што го пишувале македонските композитори д сите форми и сите видови, евентуално да го симнат и да го користат. Да можат да го слушнат или видат како аудио или видео фајл.
Марко Коловски, музиколог и музички критичар.



Притоа вели дека на многупати се соочил со една состојба која што приближно би можела да се опише како „состојба во која за македонските автори имаме два типа на податоци од македонската музиколошка мисла. Едниот е оној типичен лексикогафски пристап присутен во енциклопедиите и лексиконите кој што се одликува со релативно штури и стегнати информации за самите автори, но без широки навлегувања во нивното творештво. А другиот тип е оној кој што беше присутен главно во книгите во 1980 години, кога преку определени дела издвоени од опусите на македонските автори, се обидуваше да се создаде некаква слика за нив.

„Ние на едно место, сем можеби со една книга одамна прегазена од времето од пред педесетина години чиј автор е Бранко Каракаш, немавме публикација каде македонските композитори ќе бидат претставени со едни пошироки и поголеми портрети. Практично каде што ќе има и биографски дел и дел во кој што ќе биде претставено нивното творештво, а згора на тоа како надополнување да биде вметнат и комплетен попис на делата на македонските автори. Од тие причини се зафатив за оваа работа и таа траеше прилично долго, но јас сум среќен што ја завршив. Ете така настана книгата „47 македонски композитори“. “
Тој дух е присутен преку нивните професори. Зографски учел кај професорот Бингулац. Бингулац бил ученик на прочуениот Венсан Денди. Венсан Денди бил ученик на уште попрочуениот Цезар Франк.
Марко Коловски.

Коловски појаснува дека со оваа книга, за која што патем ќе бидат сторени напори да и биде предочена и на светската јавност, докрај не се задоволени потребите на денешново време и затоа вели дека таа ќе се обиде да ги следи стандардите на дигитална комуникација преку медиумите кои денес се доминантни. Вели дека во таа смисла, дел од направените бази на податоци врз кои и самиот работи повеќе години и кои се далеку поопширни од она што е опфатено со книгата, би биле вградени во базите на Сојузот на композиторите на Македонија за кои се надева дека до крајот на годината би биле достапни за сите кои што би пројавиле интерес да го истражуваат македонското музичко творештво.

„Ова е веќе надвор од книгата, но на извесен начин ги кажува плановите кои што ги имаме во Сојузот, а тоа е творештвото на македонските композитори да биде достапно за пребарување, па можеби делумно и за преслушување и прегледување преку базите со дигитални партитури и со аудио и видео записи преку интернет. Сакаме корисниците од целиот свет да можат да се информираат за она што го пишувале македонските композитори д сите форми и сите видови, евентуално да го симнат и да го користат. Да можат да го слушнат или видат како аудио или видео фајл. “

Инаку, Марко Коловски е автор и на книгите „Македонски композитори и музиколози“, (за кој има добиено награда „Панче Пешев„ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија за 1993); „Корени и цутови“ – Фолклорот во творештвото на Власти­мир Николовски, „Ex tempore – Охридско лето 1991 – 2001“, „Есеи за македонската музика“ и „Зографски“ , а запрашан врз што во идниот период ќе ја фокусира сопствената творечка енергија знае да каже дека кога човек го има на дланка македонското музичко творештво што е создадено од минатиот век до денес, сите негови подеми и падови, да согледате определени амплитуди, плими и осеки во него, присуството на фестивалите и разните изведби, тогаш разбирливо е што бројни теми предизвикуваат љубопитност кај секого, па и кај него како истражувач. Сепак, истакнува дека од неодамна, од промоцијата на книгата, гледајќи ги биографиите на македонските композитори дошол до заклучок дека во нив како да се гледа духот на европската музика.

„Тој дух е присутен преку нивните професори. Зографски учел кај професорот Бингулац. Бингулац бил ученик на прочуениот Венсан Денди. Венсан Денди бил ученик на уште попрочуениот Цезар Франк. И всушност вие така овде гледате одредена генеолошка присутност. Руската школа е присутна од Римски Корсаков до Атанас Бадев. Преку Гоце Коларовски е присутен – Стравински...т.н. Значи се отвораат многу перспективи за интересни согледувања, интересни анализи .“

Авторот потсетува дека ваквата генеологија за македонското музичко творештво е можеби повеќе предизвик за некаков есеј, но вели дека емпирискиот материјал дава можност за многу истражувања и не само негови туку и на колегите бидејќи материјалот ќе им биде достапен на сите. Коловски, конечно се надева дека сите тие ќе најдат предизвик во дообјаснувањето на македонската музичка сегашност.