Западот најави поостри санкции против Русија

Групата седум водечки индустриски земји во светот предупреди дека ќе ги зголеми санкциите против Русија доколку ситуацијата во источна Украина се влоши. Во соопштението на лидерите на Г7 во Брисел се наведува дека, доколку биде потребно, се подготвени на натамошни мерки против Русија.
Руската незаконска анексија на Крим и акциите за дестабилизирање на источна Украина се неприфатливи и мора да запрат, се истакнува во соопштението од самитот на Г7 во кое се додава:


„Овие акции ги кршат основните принципи на меѓународното право и од тоа би требало да бидат загрижени сите земји.“

Групата седум исто така побара од Русија да ги признае резултатите од последните претседатателски избори во Украина, да го заврши повлекувањето на своите трупи од украинската граница и да престане да ги снабдува проруските сепаратисти со оружје.
Ако немаме напредок во врска со овие прашања, тогаш постои можност од санкции, дури и потешки од оние предвидени со третата фаза, бидејќи ние не можеме да дозволиме натамошна дестабилизација на Украина.


Германската канцеларка Ангела Меркел по работната вечера изјави дека не може да се дозволи натамошно влошување на ситуацијата во источна Украина и затоа западните лидери се подготвени да извршат притисок врз Москва за да го искористи своето влијание врз проруските милитанти.

„Ако немаме напредок во врска со овие прашања, тогаш постои можност од санкции, дури и потешки од оние предвидени со третата фаза, бидејќи ние не можеме да дозволиме натамошна дестабилизација на Украина“, рече таа.

Меркел додаде дека западните земји постојано ќе контролираат каква е ситуацијата во таа земја:

„Ние постојано ќе проверуваме дали има или нема напредок. Дестабилизацијата на Украина за жал продолжи многу силно во изминативе денови. Европскиот совет кон крајот на јуни ќе се состане за да види каква е состојбата и што мора да се преземе“, рече Меркел.

Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека од самитот бил испратен силен сигнал на единство и побара од Русија да помогне во стабилизирање на ситуацијата во Украина.
Секогаш постојат проблеми меѓу државите, особено меѓу големите како Русија и Соединетите држави. Не мислам дека треба да одиме до крајни граници. Барем тоа не е наш избор. Подготвен сум да комуницирам со сите мои партнери, вклучувајќи го и Обама.
Првично Русија требаше да биде домаќин на самитот на Групата најразвиени земји во светот, но тоа беше откажано како своевидна западна казна за Москва поради руската анексија на Крим.

„Секогаш постојат проблеми меѓу државите, особено меѓу големите како Русија и Соединетите Држави. Не мислам дека треба да одиме до крајни граници. Барем тоа не е наш избор. Подготвен сум да комуницирам со сите мои партнери, вклучувајќи го и Обама“, изјави за француското радио Европа еден, рускиот претседател Владимир Путин кој неделава во Франција ќе разговара со Ангела Меркел, Франсоа Оланд и со британскиот премиер Дејвид Камерон на маргините на церемониите по повод одбележувањето на 70 годишнината од сојузничката инвазија во Нормандија, за време на Втората светска војна.

На овие церемонии ќе присуствува и избраниот украински претседател Петро Порошенко, но засега не е предвидена негова средба со Владимир Путин.

Лидерите на Г7 ја поздравија изборната победа на Порошенко и во изјавата од самиотот наведуваат дека тие му препорачуваат да дејствува во интерес на сите луѓе во Украина.


„Соочени со неприфатливо мешање во украинските суверени работи од Руската Федерација ние стоиме зад украинската влада и украинскиот народ“, се наведува во изјавата од самитот на Г7 во Брисел.

За да ја покаже солидарноста со новото украинско раководство, претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј најави дека ќе присуствува на инаугурацијата на претседателот Петро Порошенко на 7 јуни во Киев.