Меѓуетничките односи се на работ на конфликт, па се подобруваат, час се разгоруваат, за потоа да се заклучи дека не се веќе „жежок“ костен и сè така со години. Анкетите на јавно мислење де ќе ги сместат овие односи во врвни проблеми со кои се соочува народот, па ќе ги поместат на некое пониско места. Тие осцилираат со години, бура, па затишје, тепачки, конфликти, па повици на смиреност, понекогаш и странски емисари и сè така до следниот пат кога некој ќе реши да крене рака на поинаквиот од него.
Не беа спроведува проекти за доближување на двете заедници и денеска ги гледаме последиците кои, за жал, најмногу се рефлектираат на младите луѓе.Уранија Пировска, Хелсиншки комитет на Македонија.
Во извештајот за навремено предупредување од декември 2005 година, изработен со поддршка на УНДП, се наведува дека секој трет граѓанин ги оценува меѓуетничките односи како лоши или многу лоши. Сепак, доколку овие резултати се споредат со претходните истражувања ќе заклучиме дека работите се движат во позитивна насока, заклучиле истражувачите во 2005 година. Меѓуетничките односи всушност цело време се топло-ладни. Во зависност од дневно-политичките настани перцепцијата на меѓуетничките односи постојано се менува.
БРИМА, Македонскиoт член на GALLUP International, во 2009 спроведува телефонско истражување за европерспективите на македонските граѓани. Едно од прашањата е и кои се главни пречки за влез во Европската унија. Во 2009, 34 отсто од анкетираните одговориле дека тоа се меѓуетничките односи, додека во 2005-та тој процент бил 19 отсто.
Јавноста и експертите за овие осцилации ги обвинуваат политичарите, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок. Посочуваат дека политичарите не ја пропуштаат шансата да заиграат на националистичка карта ако увидат дека тоа ќе им донесе поени. Наместо соживот и градење мостови на разбирање, неретко политичарите се полни со предрасуди и стереотипи за другата етничка заедница, зацврстувајќи ги до тој степен што се создава слика на меѓуетничка нетрпеливост.
Тој што го има стапот го има и лекот, тие што се на власт веруваат дека она што ќе го разгорат, ќе можат и да го смират, но граѓаните се плашат да не дојде денот кога работите ќе излезат од контрола.
Хајд Парк - Кој ги подгрева меѓуетничките тензии? Погледнете го видеото и коментирајте тука.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот извештај за инцидентите сторени од омраза, објавен кон средината на овој месец, нотира дека институциите молчат за големиот број инциденти меѓу двете најголеми етнички заедници. Според податоците на Хелсиншкиот комитет, лани се регистрирани 116 инциденти од омраза, а најголем дел од нив, односно 84 проценти биле со етнички предзнак и тоа најмногу меѓу Македонци и Албанци. Податоците говорат за тоа какви ни се меѓуетничкиот односи, вели извршниот директор на Комитетот, Уранија Пировска. Таа вели дека набрзо по извештајот се случија и настаните во Ѓорче Петров и протестите на кои од Хелсиншки забележале огромно присуство на говор на омраза, како што досега немало на протести на кои биле присутни членови на Комитетот. Пировска вели дека Македонија не се справи соодветно со последиците од конфликтот во 2001.
„Постои едно високо ниво на индоктринација од двете страни, нешто на што Република Македонија требаше особено да работи после конфликтот во 2001 година. Меѓутоа не беа спроведува проекти за доближување на двете заедници и денеска ги гледаме последиците кои, за жал, најмногу се рефлектираат на младите луѓе“, вели Пировска.
Веќе станува модус операнди кај нас после секој инцидент да испадне некој лик како голем херој на настаните, организатор, за после некоја година да го видиме на пратенички листи или на видни функции.Арсим Зеколи, политички аналитичар.
Таа додава дека меѓуетничките односи цело време се на тенок мраз и луѓето цело време очекуваат да се случи нешто посериозно од она што се случуваше досега.
„Она што сега државата треба да го прави е да ја негува толеранцијата, а јас не гледам дека постои ниту волја, ниту, пак, реални активности на тој план“, вели Пировска.
Нема некој здрав граѓанин на Македонија што може да каже дека ќе има бенефит. Затоа мислам и дека политичките партии немаат бенефит од ваквата криза, бидејќи може да биде вовед во уште подраматични и полоши сценарија.Жидас Даскаловски, политички аналитичар.
Помирувањето нема да се случи сè додека носителите на јавни функции, без оглед на нивната етничка припадност, одбиваат заеднички да се издигнат над своите партиски интереси и продолжуваат со националистичката пропаганда која единствено резултира со постигнување на краткорочни политички цели, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во 2011, десет години по вооружениот конфликт во Македонија, Македонскиот центар за меѓународна соработка, објави студија за квалитетот на меѓуетничките односи. Во анкетата која за нив ја спроведе Институтот за демократија од Скопје, се нотира дека 9,4 проценти од испитаниците, меѓуетничките односи во земјава ги сметаат за непријателски, 16,9 проценти сметаат дека постои меѓуетничка соработка, 33,2 проценти ги сметаат за воздржани, а за 18,4 проценти од испитаниците, тие се ривалски. Во таа анкета дури 78,4 отсто од граѓаните сметаат дека меѓуетничките односи се важни, но само 3,9 отсто од нив ги загрижува ова прашање. Граѓаните ги рангираат овие односи на шестото место по важност, по невработеноста, сиромаштијата, економијата, корупцијата, криминалот и евроатлантските интеграции.
Во Македонија во општеството и заедницата владее еден страв, кај оние другите учесници во таквите настани, произлегува дека нешто се случува и крши во таа заедница или се скршило и дошло до тој момент што потоа не може да се состави.Илија Ацески, социолог.
Како по некое непишано правило, меѓуетничките тензии стапуваат на сцена кога има некоја политичка или економска криза, па така партиските препукувања, сиромаштијата, невработеноста, затаените евроатлански интеграции паѓаат на пониско место и сета јавност заспива и се буди со приказните за меѓуетничките односи.
Според истражувањето на Агенцијата Рејтинг изработено по нарачка на дневниот весник Дневник во мај 2012 година, веднаш по убиството кај Смиљковското Езеро, речиси половина од испитаниците одговориле дека меѓуетничките односи во Македонија се лоши. Скоро 15 отсто одговориле дека се добри, а секој трет испитаник рекол дека не се ниту добри, ниту лоши. Повеќе од половина од испитаниците, пак, тогаш, оцениле дека ризикот од меѓуетнички конфликт е голем, при што 58 отсто од Македонците и 42 отсто од Албанците сметале дека има голем ризик од конфликт. Исто така, повеќе од половина од испитаниците тогаш одговориле дека се чувствуваат небезбедно, при што тоа кај Албанците било изразено во поголем процент отколку кај Македонците.
Кога една партија настапува со паролата - сакаме избори за да можеме да освоиме толку и толку пратенички места за да не може да бидеме уценувани од страна на албанските политички партии, автоматски тоа гради основа, база за неверојатно голем анимозитет и неверојатно големо нетрпение кај граѓаните кон другата етничка заедница.Мирјана Најчевска, универзитетски професор.
Аналитичарот Арсим Зеколи вели дека во последниве петнаесетина години сите политички фактори имале искуство во иницирањето инциденти, директно или преку посредници.
„Но, притоа мора да кажам дека не станува збор само за партиски субјекти, туку и групации и интересни групи што сакаат да се наметнат во јавноста или врз одредени политички партии или врз медиуми и ја користат секоја можна прилика за да се пробијат на сцена. Веќе станува модус операнди кај нас после секој инцидент да испадне некој лик како голем херој на настаните, организатор, за после некоја година да го видиме на пратенички листи или на видни функции“, смета Зеколи.
Аналитичарот Жидас Даскаловски, пак, вели дека никому во земјава меѓуетничките тензии не му одат во полза.
Сите овие состојби можат да бидат ставени под контрола, освен ако некому на власт не му одговара.Џабир Дерала, НВО Цивил.
„Нема некој здрав граѓанин на Македонија што може да каже дека ќе има бенефит. Затоа мислам и дека политичките партии немаат бенефит од ваквата криза, бидејќи може да биде вовед во уште подраматични и полоши сценарија“, оценува Даскаловски.
Воведувањето на македонски јазик за Албанците во прво одделение, настаните на Кале, преименувањето на улици, училишта, петкратното убиство кај Смиљковци, десетиците тепачки по автобуси и во училишни дворови, па недолична маска на Вевчанскиот карневал во националистичката реторика на политичарите, Законот за бранители, амнестијата на Хашките случаи, нетрпеливост и говор на омраза на спортски натпревари, поставување споменици на „спорни“ личности... Овие и редица други настани предизвикуваа тензии, протести и препукувања изминатите години. Политичарите се покажаа како експертите за контролирани инциденти. Со денови тензиите се држат во фокусот на јавноста и тогаш кога се чини дека затегнатоста ја достигнала највисоката точка и дека работите ќе излезат од контрола, страстите се смируваат, сè до следниот пат. Во меѓувреме односите се како на клацкалка, понекогаш е доволен и само пердув, работите да натежнат на една страна.
Тој негативен контекст што е создаден во Македонија, тој контекст на поделба, навистина е тешко да се победи, особено кога тој ви се прелева и во образованиот систем и кога ќе видите исцртување на невидливи граници.Петрит Сарачини, МИМ
Поединечните инциденти само го освежуваат она што се случило во земјата во минатото, вели социологот, професор Илија Ацески.
„Тие настани само го поттикнуваат и ѝ даваат условно кажано една свежина на таа состојба. Секогаш укажуваат дека во Македонија во општеството и заедницата владее еден страв, кај оние другите учесници во таквите настани, произлегува дека нешто се случува и крши во таа заедница или се скршило и дошло до тој момент што потоа не може да се состави“, вели Ацески.
Кога долготрајно се негува говор на омраза, кога има поделби по сите основи и постои многу низок праг на меѓуетничка толеранција и во услови кога политичките партии ги користат меѓуетничките односи за воспоставување на своето владеење, многу е веројатно дека тоа ќе избие во секојдневниот живот, вели професор Мирјана Најчевска.
Сè она што се прави натурено, што се прави со сила, со одредени уредби, одлуки итн., тешко може да профункционира. Ваквите активности политиката не може да ги контролира, затоа што децата сакаат да се дружат.Владо Димовски, Центарот за меѓуетничка толеранција.
„Луѓето се незадоволни воопшто, незадоволни се од својата социјална положба, незадоволни се од одбраната на своите права, од задоволување на основните потреби и интереси, меѓутоа, кога една партија настапува со паролата - сакаме избори за да можеме да освоиме толку и толку пратенички места за да не може да бидеме уценувани од страна на албанските политички партии, автоматски тоа гради основа, база за неверојатно голем анимозитет и неверојатно големо нетрпение кај граѓаните кон другата етничка заедница“, вели Најчевска.
Тензиите се хронични и директно генерирани од структурите на власта, тие можат и да ескалираат, но сè уште можат да се контролираат, вели претседателот на невладината Цивил, Џабир Дерала.
„Сите овие состојби можат да бидат ставени под контрола, освен ако некому на власт не му одговара, за да може да ја избегне одговорноста за другите состојби коишто се очигледни во државата, кои на граѓаните и на граѓанките во Република Македонија постојано им носат немир и несигурност“, посочува Дерала.
Политичките структури на власт лесно можат да ги искористат меѓуетничките тензии, но исто така лесно можат и да ги згаснат, додава Дерала.
„Тоа е повеќе од очигледно и веќе нема простор да се извлекува од одговорноста или да се префрла на друга страна. Вие имате ситуација во која голем број на граѓани може да излезат на улица, да кршат, да дивеат, па можеби и да убиваат во еден момент, зависно од тоа каква команда ќе добијат издадена до некој центар, а секако ова се прави во спрега со медиумите кои се блиски до власта“, вели Дерала.
Потребни се долгорочни мерки, но има начин да им се стави крај на тензиите, вели Најчевска.
„Има долгорочно делување кое воопшто го нема во овие 20 година, а тоа е градење на граѓанска, наместо етнички поделена држава, тоа е едната линија, втората линија е градење на безбедно општество“, вели таа.
Еден од начините за доближување на различните етнички заедници е и интегрираното образование. Со години наназад се спроведуваат проекти по училиштата, се прават обиди младите од различни етникуми да за запознаат и за соработуваат. Група невладини организации меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, веќе четврта година спроведуваат проект за интегрирано образование. Проектот е финансиран од УСАИД. Целта на проектот е зближување на младите меѓу себе кои во иднина ќе бидат сплотени околу своите интереси и интересите на земјата.
„Мислам дека тоа е многу битно нешто, токму тоа создавање на заеднички контексти, на заеднички активности на места каде што различните ќе се дружат, ќе прават тоа што ќе ги интересира и на тој начин ќе ги елиминираат предрасудите, стереотипите, непознавањето што го имаат едно кон други“, вели Петрит Сарачини од МИМ.
Тој вели дека од она што го добиваат како информации од терен, во разговор со наставниците, учениците родителите, може да се заклучи дека како главни виновници за состојбите се посочуваат политиката и медиумите, но тука се и образованието и начинот на воспитување.
„Нивното влијание е огромно. Нормално е ако цело време низ јавниот дискурс вие ги делите и им кажувате дека се различни, цело време зборувате за интересите на едните или на другите, во Македонија имаме два паралелни медиумски светови, едно зборуваат медиумите на македонски, друго зборуваат медиумите на албански. Тој негативен контекст што е создаден во Македонија, тој контекст на поделба, навистина е тешко да се победи, особено кога тој ви се прелева и во образованиот систем и кога ќе видите исцртување на невидливи граници“, вели тој.
Сарачини додава дека конфликтите и неразбирањата не се решаваат со физичка поделба во различни смени или во различни згради, туку учениците треба да се седнат, да разговараат и да им се даде да работат нешто заедно. Тој наведува еден позитивен пример од овој проект.
„Имаме пример од училишта за кои се слушале и други муабети за тепачки по автобуси или во школски дворови, ученици од таму одат на филмска работилница, прават самите, снимаат, режираат успешни филмови и на крајот таа дружба продолжува, ние ги следиме и знаеме дека тие веќе се екипа, дека се другари, се слушаат, заедно излегуваат, а замислете три години учеле во исто училиште, во исти смени и не се познавале меѓу себе“, вели Сарачини.
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција вели дека проектите за интегрирано образование имаат голем успех, затоа што децата од сите етнички заедници заеднички работат, заеднички комуницираат на сите јазици, се дружат. Но, сепак наведува дека политиката, како и во сè друго, се меша и во образованието, но ако тоа и успева во повишите одделенија, во ништо образование сепак е немоќна, вели Димовски.
„Сè она што се прави натурено, што се прави со сила, со одредени уредби, одлуки итн., тешко може да профункционира. Ваквите активности политиката не може да ги контролира, затоа што децата сакаат да се дружат. Политиката има замешано прсти насекаде во образованието. Потешко е да работите со учениците од да речеме вишите одделенија, седмо, осмо одделение, па и средношколците, таму е веќе длабоко навлезена политиката, но кога се работи со учениците од мали нозе, од прво па до петто одделение, тука веќе политиката, колку и да сака да се меша, е многу, многу немоќна“, вели Димовски.
Познавачите сугерираат итно да се преземат долгорочно мерки за релаксирање и подобрување на меѓуетничките односи, но додека таквите мерки да дадат резултати, политичките елити барем да не ги користат етничките страсти за ситни политички поени.
Поради летните одмори, денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 31 maj годинава.