Зошто молчат силуваните жени во косовскиот конфликт?

Околу 20 илјади Aлбанки на Косово се верува дека биле жртви на силување за време на конфликтот пред 15 години. Само стотина од нив побарале помош. Една од оние кои биле силувани, во разговор со дописникот на РСЕ од Приштина Амра Зејнели, објаснува зошто тие се плашат да ја кажат вистината.
Смртта е многу полесна отколку животот по таква трагедија, вели Јета. Oва не е нејзиното вистинско име, жртва на сексуално злоставување за време на конфликтот на Косово во интервју за Радио Слободна Европа.
Кога имаш таква тајна пред твојот сопруг тогаш никогаш не се чувствуваш добро. Човек кој ти кажува дека ако некој Србин те допре, би ти ги извадил очите, би ти ги исекол ушите и би те напуштил. Како за тоа да разговараш со него?
Жртва на силување во војната во Косово.


Таа и нејзините три ќерки биле силувани во септември 1998 година во регионот на Дреница. Кога српските тенкови влегле во селото, како што вели Јета, сопругот и синот се криеле во шумата.

„Скокнаа од тенкот во дворот. Влегоа со автомати. Беа петмина кои веднаш ставија црни маски и ни рекоа да одиме во подрумот. Тука се случи трагедијата. Најмалата ќерка имаше 13 години“, раскажува Јета, која на собирите на Центарот за рехабилитација на жртвите од тортура им се приклучи во минатата година. Ова е за прв пат да ја изнесе нејзината приказна во јавноста.

„Тука во подрумот се случи се она најлошото. Не малтретираа, удираа, злоставуваа. Не ја изгубив свеста. Се чувствував како дрво. Само чекав што ќе ни се случи уште“, раскажува таа.

Јета наведува дека тоа траело неколку часови, а откако си отишле маскираните, дошол свекорот на нејзината ќерка кој кога дознал што се случило им рекол на никого да не кажуваат за ова, бидејќи е полошо отколку да биле убиени. По укажаната помош биле одведени како бегалки, а на сопругот Јета никогаш не му кажала што им се случило.

„Повеќе би сакала да ме убијат. Кога имаш таква тајна пред твојот сопруг тогаш никогаш не се чувствуваш добро. Човек кој ти кажува дека ако некој Србин те допре, би ти ги извадил очите, би ти ги исекол ушите и би те напуштил. Како за тоа да разговараш со него?“, вели таа.

Јета е само една од големиот број жени кои на своите мажи не им кажале што им се случило за време на војната. Таа нејзиното доаѓање на разговор во Приштина го објаснила со потребата за здравствена контрола на нејзината ќерка.

„Се би дала кога мажите би разговарале со своите жени кои биле во рацете на непријателот. Ако јас не добијам ништо, можеби некој друг ќе добие. Ни треба поддршка од државата. Да ја подигне свеста кај мажите. Ако дојде до тоа и ние ќе бидеме мирни“, вели Јета.

Собранието на Косово во март годинава реши категоријата силувани лица во текот на војната да ја вклучи во законот за статусот и правата на загинатите борци и жртвите од војната и нивните семејства. Тие можат да добијат пензија од 300 евра.