Невреме, поплавени улици и земјотрес во Скопје

Поплави во Скопје

Големо невреме со пороен дожд, град и силен ветер синоќа го погоди Скопје. Улиците за кратко време беа поплавени, имаше проблеми и со снабдувањето со струја. Синоќа во главниот град беше регистриран и земјотрес.
Невремето што синоќа го зафати главниот град предизвика проблеми во сообраќајот на повеќе улици. Критично беше кај Стоковната куќа Мост, булеварот „Киро Глигоров“, клучката кај хотелот „Континентал“, спроти зградата на Македонска телевизија, подвозникот кон Пржино, како и булеварот „Кочо Рацин“.

Поплави по силниот дожд и град во Скопје.



Поради настанатата ситуација синоќа заседаваше оперативното тело на Владата и град Скопје за координација и справување со поплавите, со кое раководеше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. На координацијата присуствуваа сите директори на јавните претпријатија и на Дирекцијата за заштита и спасување.

Министерот Јанакиески изјави дека ситуацијата се следи и оти граѓаните можат да се јавуваат на отворените линии во министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи. Тој додаде дека се постојано во координација.
Министерот Јанакиески изјави дека ситуацијата се следи и оти граѓаните можат да се јавуваат на отворените линии во министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи


Апелираше дека секој што е загрозен да пријави на телефоните за пријавување непогоди предизвикани од поплавите во Скопје 02 3073010, 02 3297295, 02 3297204.

Од невремето имаше прекини и во снабдувањето со електрична енергија и вода во некои населби.

Паркиран автомобил пропадна во дупка што се отвори во населбата Ново Лисиче во Скопје по синоќешното невреме.

Според првичните сознанија, возилото пропаднало кога се одронила земја во градежната дупка зад бензинската пумпа на Окта на булевар „Србија“.
Во Ново Лисиче имаше и пукната цевка за гас. Во населбата имаше и прекин во снабдувањето со струја.

Министерот Јанакиески, кој ноќеска заедно со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, посети повеќе критични точки настанати од невремето во Скопје, изјави дека засега нема пријави за повредени лица, а причинета е само материјална штета.

„Во контакт сме со Гама, од каде не информираа дека дефектот во Општина Аеродром кој беше предизвикан од удар од гром, е саниран и нема никаква опасност за населението. Во контакт сме и со ЕВН, од каде дознаваме дека мал број трафостаници се во дефект поради обилните врнежи од дожд. Сите екипи на ЕВН се на терен и се очекува наскоро да бидат санирани и овие проблеми“ истакна Јанакиески.

Триесет и седум литри на метар квадратен наврнаа синоќа во главниот град за половина час, а ветерот достигнуваше брзина од над 70 километри на час, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Триесет и седум литри на метар квадратен наврнаа синоќа во главниот град за половина час, а ветерот достигнуваше брзина од над 70 километри на час, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
И за денеска попладне од Управата најавуваат дека во поголемиот дел од Македонија ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и град. Според прогностичките материјали, поголема веројатност за нестабилност ќе има во западните и југозападните делови, иако не е исклучена појава на нестабилност и во другите региони.

Утре и в среда ќе има делумно стабилизирање на временската состојба.

Земјотрес со интензитет од пет-шест степени според Европската макросеизмичка скала-1998 е почувствуван синоќа, во 23 часот и три минути, во Скопје и околината. Епицентарот, како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, потекнува од скопското епицентрално подрачје.