Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Ѓорче Петров

Во вечерашните протести во Ѓорче Петров има повредени граѓани, Полицијата се судри со демонстрантите на повеќе локации во целата населба, од мостот кон Сарај до трговскиот центар „Глобал“, јави дописникот на РСЕ.

Протестите се организирани во знак на револт по вчерашното убиство на 19-годишниот матурант Ангел Петковски. Како што јавува нашиот репортер од теренот, по должината на целата главна улица во населбата се распоредени полициски сили со оклопни возила, кои повремено фрлаат таканаречени шок-бомби. Има и повеќе приведени лица, а некои од насобраните граѓани бараат од полицијата да ги ослободи.

Инаку, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денешната прес конференција соопшти дека е приведен осомничениот за убиството на Ангел Петковски, како и дека се приведени 18 лица кои учествувале во синоќешните протести во Ѓорче Петров, кога имаше повеќе оштетени продавници, дуќани, запалени ресторанчиња и контејнери.

Припадници на полицијата ги натерале репортерите на „Фокус“, „Нова ТВ“ и на „Радио слободна Европа“ да ги избришат сликите што фотографирале во текот на денот.