Македонија солидарна со поплавените земји од соседството

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Многу граѓани на плоштадот за помош на Србија и БиХ

Од вакви непогоди заштитата е тешка. Македонија како држава е спремна, а од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да не фрлаат шут во водните канали
Десетици тони хуманитарна помош што ја донираа македонските граѓани денеска со конвој камиони замина кон поплавените подрачја во Србија. Камионите со помош за Босна и Херцеговина пак ќе заминат утревечер во 20 часот. Црвениот крст информира дека во акцијата за собирање помош собрани се големи количини прехранбени артикли, хигиенски средства, вода и др. Преку телефоните за донација, досега се собрани 3.700.000 денари што ќе бидат уплатени на сметките за помош на Србија и на Босна и Херцеговина на 31 мај.
Ситуацијата будно се следи и може да се каже дека Македонија е подготвена да се справи со евентуален поголем доток на води.
Тихомир Каранфилов од Центарот за управување со кризи.

Во меѓувреме, од Црвениот крст соопштија дека собирањето помош ќе продолжи и во наредните денови. Очекуваат поголем одѕив од фирмите и големите компании, имајќи предвид дека досегашните донации се претежно индивидуални од граѓани.

Од Центарот за управување со кризи велат дека ситуацијата будно ја следат и смируваат дека се подготвени да се справат со секаков тип елементарни непогоди и апелираат до граѓаните.
Треба постојано да сме подготвени со чисти канали, таму каде што треба да се дооформат корита, таму каде што треба, да се исправат некои меандри на реките што се причина за излевање на реките.
Борис Анакиев, универзитетски професор.

„Центарот за управување со кризи внимателно ги следи сите параметри и навремено ги известува сите субјекти во системот за управување со кризи. Ситуацијата будно се следи и може да се каже дека Македонија е подготвена да се справи со евентуален поголем доток на води. Но, бидејќи природата е непредвидлива, а човечкиот фактор е клучен во вакви ситуации, апелираме до граѓаните да не фрлаат отпад и градежен шут по дивите депонии кои се наоѓаат покрај самите речни корита или во веќе исчистените корита и канали, бидејќи истите може да предизвикаат нивно запушување, со што би се попречило слободното протекување на надојдената вода“, изјави Тихомир Каранфилов од Центарот за управување со кризи.

Домашните експерти велат дека тешко е да се предвиди ваквиот тип на елементарни непогоди, односно дека од нив може да се заштитиме до одредено ниво. Колку и да се подготвувате, не може да знаете до кој степен може да ве зафати несреќата, вели професор Борис Анакиев. Сепак сугерира дека постојат работи што може да се направат како превенција.

„Треба постојано да сме подготвени со чисти канали, таму каде што треба да се дооформат корита, таму каде што треба, да се исправат некои меандри на реките што се причина за излевање на реките“, изјави Анакиев.

Македонија има капацитети да се справи со вакви непогоди до некоја нормална граница и за такви ситуации не треба да се жалат средства, потенцира Анакиев.

„Прво имаме капацитети да ги уредиме работите како што треба и тука не треба да жалиме да се трошат пари. Тоа е апсолутно оправдана и исплатлива инвестиција. Ако вие се спасувате, ако немате поплави кои ви уништуваат површини, кои ви оштетуваат патишта, кои потоа треба да ги поправате итн. Тоа е од една страна, а од друга страна имаме капацитет тоа да го одржуваме и да водиме сметка и да знаеме кога можат да се јават поплавите, оти тие најчесто се случуваат во овој период кога се топат снеговите и кога имате големи количини на дожд. Сепак ваквите непогоди ги надминуваат границите на можностите на една земја“, вели Анакиев.

Деновиве седница одржа и Координативното тело за превенција на елементарни непогоди чиј заклучок беше дека во земјава нема опасност од поплави. На Дирекцијата за заштита и спасување и беше наложено во соработка со општините да се преземат превентивни мерки, бидејќи се очекува и наредните денови водите коишто доаѓаат, пред се од Србија, да го зголемат дополнително нивото на реката Пчиња.