ВМРО ДПМНЕ слави, СДСМ не ги признава изборите

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски рече дека изборите биле успешни и демократски и фер, а најголем победник е Македонија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека граѓаните во Македонија се измамени и побара формирање на техничка влада. ДИК соопшти дека успешно си ја завршила работата.

ВМРО ДПМНЕ прогласи победа на претседателските и предвремените парламентарни избори, а СДСМ не го призна гласањето уште пред да бидат објавени резултатите. Гласовите на ДУИ, пак не ги призна ДПА.

За претседател, според ДИК гласале 54,10 проценти од граѓаните, а за парламентарните избори околу 62,95 проценти. Нивните податоци со обработени речиси 100 проценти од гласовите покажуваат дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов освоил 534 154 гласови , а кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски 398 008. На парламентарните избори пак СДСМ добила 283 869 гласови, ДПА 66 392, ДУИ 153 577, а ВМРО ДПМНЕ 480 588. Со највеќе гласови потоа следи ГРОМ кој освоил 31 610.

Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски.

​Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски рече дека тие си ја завршиле својата обврска и должност успешно, но не сакаше да даде оценка за изборниот ден и за непризнавањето на резултатите од страна на СДСМ.

„ДИК нема да дава официјална оценка во овој момент за да ја почекаме можноста на политичките партии да го искористат правото за приложување преговори во наредните 48 часа. Во однос на одлуката на СДСМ немам потреба да ја коментирам“, рече Рилкоски.
Сите што гласавте за мене, за ВМРО ДПМНЕ, гласавте за себе, за своите семејства, за иднината на Македонија.
Ѓорѓе Иванов, ВМРО ДПМНЕ
Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за претседател Ѓорѓе Иванов порача дека на овие избори победила демократијата, граѓаните и земјата. Според него, изборните биле мирни, фер и демократски како што и прилегаат на европска Македонија.

„Сите што гласавте за мене, за ВМРО ДПМНЕ, гласавте за себе, за своите семејства, за иднината на Македонија. Бев и ќе останам претседател на сите граѓаните, без разлика за кого гласале. Ќе ги бранам државните интереси и интересите на секој граѓанин“, рече Иванов.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски рече дека изборите биле успешни и демократски и фер, а најголем победник е Македонија. Тој порача дека земјата треба да биде горда на изборите кои билое ефективни и без инциденти Според Груевски ВМРО ДПМНЕ ќе имаа 61 или 62 пратенички места, а СДСМ 34 или 35.

„Ова е огромна, силна моќна победа. Ова е недвосмислена доверба. Ова е јасно изразена волја на граѓаните на Македонија“, порача Груевски.
Ова е огромна, силна моќна победа. Ова е недвосмислена доверба. Ова е јасно изразена волја на граѓаните на Македонија.
Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ


Груевски порача дека се надева оти СДСМ ќе ја преиспита својата одлука и ќе ја почитува волјата на народот и ќе постапуваат во правец на интересите на државата.

Жалам што поради личен интерес, потценувајќи ја вољата на народот, претседателот и раководството на СДСМ одлучија да работат на директна штета на Македонија, во корист на оние кои не и сакаат добро, рече Груевски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека граѓаните во Македонија се измамени, а изборниот процес е спроведен нецивилизирано и им е узурпирано уставното право на граѓаните.Тој побара итно да се формирање на техничка влада која ќе овозможи спроведување на нормални и фер претседателски и парламентарни избори.

Зоран Заев. лидер на СДСМ.

„Бараме и мора да се организираат избори на коишто народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена воља и убедување, без притисоци, без уцени, без купување на гласачи. Без фер избори нема демократија. Без демократија нема просперитетна Македонија. Нема запирање. Нашата борба продолжува!“, рече Заев.

Според Заев власта спровела изборен грабеж.

„Власта спроведе изборен грабеж. Нема член од Изборниот Закон што власта не го прекрши. Нема. Сите членови и од Кривичниот законик што се однесуваат на изборите се прекршени.На овие избори власта го контролираше својот народ“, рече Заев.

Низ улиците на Тетово славеше и ДУИ. Лидерот на партијата Али Ахмети ја порача дека оствариле убедлива и историска победа на партијата со освоени над 150 илјади гласови.

„Им благодариме на граѓаните, на сите за овој добар изборен процес“, рече Ахмети.
Бараме и мора да се организираат избори на коишто народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена воља и убедување, без притисоци, без уцени, без купување на гласачи.
Зоран Заев, лидер на СДСМ.
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи изјави дека на прв поглед изборите биле мирни, но тие поминале со закани, уцени, полнење на гласачки кутии и купување на гласови. Според него, партијата е подготвена да преговара за влез во новата влада. ДПА, како што рече тој очекува 8 пратеници и не го признава резултатот на ДУИ.

„Според наши проценки бројот на пратеници на ДПА ќе биде 8 или 9,а резултатот на ДУИ не ме интереси и не им ги признавам резултатите, особено на околу 30 отсто од гласачките места. Не можам цивилна војна да водам со нив, но изборите не им ги признавам и од утре ќе преговарам за идната влада“, рече Тачи.

Се гласаше на 3.480 избирачки места во земјата. На првиот круг од претседателските избори учествуваа 4 кандидати, а на предвремените парламентарни избори 14 партии.