СДСМ не ги признава, за ВМРО-ДПМНЕ најмирни избори досега

СДСМ не го признава изборниот процес, без разлика на резултатите, соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Ова беа најмирните избори од осамостојувањето на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ не го признава изборниот процес, без разлика на резултатите“, соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во 19 часот. Тој рече дека граѓаните во Македонија се измамени, а изборниот процес е спроведен нецивилизирано и им е узурпирано уставното право на граѓаните.
Бараме и мора да се организираат избори на коишто народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена воља и убедување.
Зоран Заев, СДСМ.


Заев побара итно да се формирање на техничка влада која ќе овозможи спроведување на нормални и фер претседателски и парламентарни избори.

„Бараме и мора да се организираат избори на коишто народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена воља и убедување, без притисоци, без уцени, без купување на гласачи.Без фер избори нема демократија. Без демократија нема просперитетна Македонија.
Нема запирање. Нашата борба продолжува!“, рече Заев.
Ова беа најмирните избори од осамостојувањето на Македонија. Со овие избори Македонија е позитивен пример за целиот регион.
Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.


Претседателот на СДСМ наброја низа нерегуларности кои се случувале во текот на изборниот ден, но и во предизборието, како притисоци врз јавната администрација, поткуп на гласачи, притисоци преку инспекциски служби, директни закани и уцени, притисоци за социјалците и примателите на други додатоци од државата, фантомски гласачи, гласачи од Пустец секаде низ Македонија, злоупотреба на јавниот сервис, итн.

„Власта спроведе изборен грабеж. Нема член од Изборниот Закон што власта не го прекрши. Нема. Сите членови и од Кривичниот законик што се однесуваат на изборите се прекршени.
На овие избори власта го контролираше својот народ“, рече Заев.

Од утре органите и телата на СДСМ и на сите опозициски партии ќе донесат одлуки за нашите следни чекори. Сите варијанти се отворени, истакна лидерот на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги сочека резултатите, рече Антонио Милошоски од името на партијата. Според него изборите биле мирни, а граѓаните покажале висока демократска свест.

„Ова беа најмирните избори од осамостојувањето на Македонија. Со овие избори Македонија е позитивен пример за целиот регион. Изборите беа спроведени подобро од оние од скандинавските земји. Опозицијата се обиде со јалови обиди да прикаже дека има нерегулраности во текот на изборниот ден, но тие обиди не успеаја. Граѓаните не дозволија да бидат изманипулирани“, рече Милошоски.