Западот ќе координира нови санкции за Русија

Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама и лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија се согласиле да „координираат дополнителни чекори за зголемување на трошоците“ за Русија, како што се санкции поради активностите на Москва во Украина. Во денешното соопштение од Белата куќа се наведува дека во разговорот преку конференциска врска, лидерите се согласиле дека Русија продолжува да ја заострува ситуацијата во Украина преку својата загрижувачка реторика и со заканите со воени вежби во близина на украинската граница. Во соопштението се наведува дека Москва не го почитува женевскиот договор што самата го потпиша и не ги повика проруските сепаратисти во источна Украина да се разоружаат и да ги напуштат владините згради што ги окупираа. Обама претходно рече дека е подготвен да воведе „секторски санкции“ против Русија што ќе се насочат кон банкарството и енергетиката, ако руските сили ја преминат границата и ја нападнат Украина.